Русија од Црно Море извлече десантен брод што Украина го погодила со проектил, не се знае дали е „Орск“ или „Саратов“

Русија соопшти дека го пронашла големиот јуришен десантен брод, што неговиот екипаж самиот го потонал откако бил оштетен од украинска ракета во пристаништето Бердјанск на 24 март.

Владимир Рогов, функционер што Русија го назначи за одговорен во јужна Украина, на каналот Телеграм напиша дека тогаш балистички ракети „Точка-У“ го погодиле пристаништето под руска контрола.

-Екипажот го потопи бродот за да спречи можно детонирање на муницијата што се наоѓаше на него поради пожарот, рече Рогов.

Украина уште тогаш јави дека погодила јуришен десантен брод, а Русија дури денеска го потврди настанот.

Во извештаите од Русија не се дадени детали за штетата на бродот, но официјалниот претставник кажа дека пловилото ќе биде пренесено во Керч, на Крим, црноморскиот полуостров што во 2014 година беше анектиран од Русија.

Во извештајот на украинската армија за ракетниот напад на 24 март пишува дека бродот се викал „Орск“, но бродот што Русија го извлече е „Саратов“. Бродот „Орск“, исто така, е еден од шесте десантни бродови на руската Црноморска флота.

Веб-страницата на флотата kchf.ru потврди дека бродот „Саратов“ бил оштетен и потопен во пристаништето на 24 март, но не спомена никаков украински ракетен напад.

Бродот е „оштетен поради пожарот и експлозиите што од него беа поттиканти“, се наведува на сајтот, што е во спротивност со верзијата за настаните дадена од Рогов.

„Трупот на бродот беше оштетен и бродот беше потонат во сидриштето“, се наведува на веб-страницата на флотата.

Бродот „Саратов“, стар 56 години, стана дел од советската морнарица уште во далечната 1964 година. Може да носи до 20 тенкови или 45 оклопни транспортери или 50 камиони, како и до 400 маринци. Долг е 113 метри и има носивост до 1.500 тони.

Back to top button
Close