Русија веќе нема да се придржува до правилата на Европскиот суд за човекови права

 Русија веќе нема да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), откако рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша специјален закон, пренесе Тасс.

Според законот, правилата донесени по 15 март веќе нема да важат за Русија.

Европскиот суд за човекови права, лоциран во Стразбур, Франција, е дел од Советот на Европа.

Овие тела, што се независни од Европската унија, работат заедно на заштита на човековите права во 47 земји членки.

Русија и Украина беа членки на Советот на Европа, што на 25 февруари, ден по инвазијата врз Украина, го суспендираше членството на Русија.

Откако Кремљ на 15 март соопшти дека ќе се повлече од членството, Русија конечно беше исфрлена од Советот на Европа.

Според законите потпишани од Путин, документите на ЕСЧП ќе престанат да бидат основа за ревизија на одлуките донесени од руските судови, пренесоа руските медиуми.

Главното државно обвинителство на Русија до 1 јануари 2023 година на подносителите на барања ќе им исплатува паричен надоместок, но само според одлуки на ЕСЧП донесени пред 16 март.

Back to top button
Close