“Руската власт го загрозува светскиот мир, не можеме да бидеме неутрални” Османи и одговори на Захарова

Власта во Руската федерација го загрозува светскиот мир со тоа што ги руши основните принципи на кои тој се темели и ние не можеме да останеме неутрални.

Ова е дел од одговорот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како коментар на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која рече дека испраќањето хеликоптери на Украина е голема грешка на македонската влада.

„Руската федерација ги има прекршено насилно, неоправдано основните принципи на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Тоа се принципите на европската безбедносна архитектура кои го одржуваат мирот во Европа во последните 75 години, тоа се принципите кои го одржуваат мирот во нашата држава. Нашите граѓани уживаат мир затоа што после Втората светска војна е воспоставен меѓународен правен ред и поредок кој спречува државите да ги нападнат соседните држави. Оттука нашиот став не е кон рускиот народ, кон Русија туку агресивното однесување на руската федерација и на власта кое го загрозува светскиот мир преку рушење на тие основни принципи на кои се темели мирот во светот, посебно во Европа, па и во Северна Македонија. Оттука ние не можеме да останеме неутрални“рече Османи.

Ние, додаде министерот, не даваме оружје на Украина за таа да нападне друга држава туку ѝ помагаме да се брани затоа што денеска Украина не ги брани само сопствениот народ и мир.

„Денеска украинските војници и народ се борат и за нашиот мир, за нашите вредности и оттука ние со фактот дека сме дел од тој систем на вредности во кој доминира почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на суверените држави, владеењето на правото, демократијата и човековите права, ние покажуваме дека сме на вистинската страна на историјата и ќе продолжиме да бидеме така додека да биде потребно. Билатералните односи со Русија сега се многу помалку важни отколку загрозувањето на мирот кое е започнато со ова однесување на Русија што ја отвора пандорината кутија за слично такво агресивно однесување на авторитарни режими во светот“, рече Османи.

Back to top button
Close