С. Македонија не е подготвена за промена, тврди бугарскиот копретседавач со историската комисија

Прашањето со РСМ е важно, но повторно ништо не се случи. Нема подготвеност за каква било промена, тврди бугарскиот копретседавач на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров во изјава за БНТ, пренесува новинската агенција БГНЕС.

Изјавите на Димитров доаѓаат по минатонеделниот 20. по ред состанок на експертската комисија за историски прашања што се одржа во Скопје.

„Ова е важен сигнал за севкупните ставови, но пред сè за атмосферата во која работи нашата Заедничка историска комисија на својот 20. последователен состанок. Нема подготвеност за каква било промена“ вели копретседавач на Комисијата од бугарска страна.

Тој споделува впечатоци за атмосферата во која заседавала комисијата минатата недела. Според него, телевизиите главно се занимавале со предлогот, односно, како што вели Димитров, барањето на ДПМНЕ за распишување референдум на кој целосно ќе се отфрли Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Оваа атмосфера беше заднината на која се одвиваа нашите разговори. Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци кога нешто менуваат во својата позиција“ нагласува Димитров додавајќи дека „ова јасно сугерира што се случува во PCM“.

Како образложение, во изјавата тој се повикува на податоци од истражување на германската фондација „Конрад Аденауер“, според која, како што потенцира Димитров, најголем непријател на нивната земја (С Македонија н.з.) е Бугарија, односно дека на вакво мислење биле 44 отсто од граѓаните на земјава.

„Нивниот најголем пријател е Србија – така мислат 37,4 отсто. Над 65 отсто се поддржувачи на идејата за Отворен Балкан, идеја што ја лансираше Србија за мини или повторна Југославија. Највисоко оценет претседател е Борис Трајковски, кој трагично загина под сомнителни околности во авионска несреќа. Парадоксот е што Трајковски беше добар пријател на Бугарија. Тамошните луѓе, кои тврдат дека имаат длабоки историски корени, размислуваат дури по 1944 година. Немаат сознанија за тоа што се случувало ни во првата половина на минатиот век, кога населението таму беше прогласено за српско, и кога имаше терористички режим, кога имаше големо насилство и постојани репресии, тоа изгледа воопшто не ги интересира, ги знаат само пропагандите и манипулациите по 1944 година, за жал, оваа пропаганда е антибугарска, Димитров“рекол Димитров за БНТ.

Во врска со темите на Комисијата, тој потенцира дека Гоце Делчев бил во нивната програма веќе трета година, но не стигнуваат до него. Димитров вели дека С Македонија треба да направи сериозни измени во учебниците, и дека тоа треба да се направи веднаш. А учебниците, како што смета тој, може да се дополнат и без да се печатат нови.

„Всушност не се разговара за тоа. Она што е одлучено и најавено е дека треба да се пристапи кон промена на нивните учебници. Зборуваме за учебникот надвор од нашата заедничка историја. Сигнал дека бугарската страна има намера прецизно да ги спроведе одлуките на комисијата даде нашата средба пред да заминеме за Скопје со раководството на Министерството за образование, кое со разбирање го прифати она што го решивме. Белешките за нашите учебници се општи, не допираат важни работи во толкувањето и се пуста желба, но она што треба да го направат е да видат реципрочна акција, почитување на заедничката комисија, да направат сериозни измени во нивните учебници. Ова треба да се направи веднаш. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови“ коментира Димитров.

Тој нагласува дека сета политичка тензија во Скопје е на тема бугаризација.

„Многу е интересно што во 1990-тите највисоките политичари, па дури и самиот претседател говореа дека дојдовме до крајот на дебугаризацијата. Сега стравуваат дека ќе дојде до бугаризација, што е апсурдно. Самиот Пендаровски ова го дефинираше како ќорфишек, но рече дека треба да бидат мирни, бидејќи имаме длабоки историски корени, а тоа е сигнал и до комисијата“смета Димитров.

По минатонеделната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, не беа објавени никакви заклучоци.

Еден ден пред состанокот од Министерството за надворешни работи соопштија дека македонскиот дел од Комисијата се дополнува со нов член – Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, чиј научен интерес, според достапните информации на интернет, е историјата на Балканот во доцноосманлискиот период, со посебен осврт кон историјата на Грција во XIX и почетокот на XX век, грчката политика кон османлиска Македонија и Македонското револуционерно националноослободително движење.

Back to top button
Close