САД обвинија шест руски хакери и распишаа потерница со награда од 10 милиони долари за секој од нив
САД подигнаа обвиненија против пет руски разузнавачи и еден цивил а во врска со голем кибер напад што се случил во јануари 2022 година, со цел ослабување на цивилната инфраструктура на Украина.
Нападот со злонамерниот софтвер WhisperGate се случил на околу еден месец пред руската инвазија на Киев. Хакерите работеле за руското воено разузнавање ГРУ (Генерална разузнавачка управа).
Според обвинителите, нападот бил увертира во воената кампања на Русија во Украина со цел нарушување на цивилната инфраструктура и украинските компјутерски системи како владини агенции одговорни за службите за итни случаи, судството, безбедноста на храната и образованието.
-Овие напади беа со цел да го намалат моралот на украинската јавност. Тие воопшто не се неповрзани со воената или националната одбрана“, изјави денеска американскиот помошник-јавен обвинител Метју Олсен.
Нападот „може да се смета за прв истрел во војната“, рече Бил ДелБагно, специјален агент на Федералното биро за истраги (ФБИ), зборувајќи заедно со Олсен на брифинг за новинарите во Балтимор, Мериленд.
Тој рече дека кампањата WhisperGate исто така таргетирала други земји како САД и десетици сојузници на НАТО.
-ФБИ, заедно со нашите партнери и сојузници за спроведување на законот, немилосрдно ќе ги ловат и ќе се спротивстават на овие закани, рече тој. Додаде дека „овој тип на кибер војна нема да се толерира. Обемот на руските злосторства не може да се игнорира“.
Официјалните лица рекоа дека работат и со Интерпол за да им достават известувања што би можеле да помогнат до апсење на шестмината Руси.
Покрај новите обвиненија, американските власти рекоа дека нудат награда до 10 милиони долари за секој од Русите наведени во кривичната пријава.
Клучен украински функционер ги пофали обвиненијата на САД и мултинационалната работа што помогна да се овозможи тоа, јави Гласот на Америка.
-Ова е многу жив пример за тоа како соработката, меѓународната заедничка работа всушност може да го олесни овој напор да се бориме со таков силен и за жал доста голем непријател како Русија, рече Иван Калабашкин, заменик-шеф за кибербезбедност во Службата за безбедност на Украина.
Говорејќи на конференцијата за сајбербезбедност во Вашингтон вчера, тој рече дека Украина се судира со 10 до 15 големи руски сајбернапади дневно, предупредувајќи дека заканата веројатно нема да се намали.
-Русите работат многу темелно на градење на нивните офанзивни (кибер) капацитети, рече тој.
-Тие ги учат своите студенти на универзитетите, на граѓанските универзитети, како да напаѓаат системи … како да напаѓаат инфраструктура.
Во меѓувреме, некои сојузници како Естонија на САД објавија свои планови за сузбивање на руското разузнавање.
САД неделава обвинија двајца руски државјани вработени во медиумот RT (Russia Today), поддржан од Кремљ, дека дале речиси 10 милиони долари на медиумска компанија со седиште во САД за ширење проруски дезинформации.
Министерството за правда исто така, објави симнување на 32 интернет домени поврзани со, како што функционерите опишаа, посебна руска операција, со цел влијание на претседателските избори во САД.