“Сакајте ја кризата” … или кон “Чекорите до црешовото дрво” од Паола Перети

Некаде кон крајот на септември бев (малку) разочарана што го пропуштив гостувањето на Паола Перети на Букстар. „Малку“ бидејќи сепак имав доволно време да го пречитам нејзиниот исклучителен роман „Чекорите до црешовото дрво“, па спремна и без избрзани импровизации да договорам интервју онлајн.

Притоа наместо очекуваното „а каква порака сакавте да пренесете преку романот…“ интервју, да се вдлабочам, да извлечам неколку суптилни, но суштествени линии од приказната и низ нив да поразговарам со Перети за начинот на кој една исклучителна книга за деца би можело да биде дискутирана со самите деца.

Односно, како конкретната приказна на Мафалда може да биде крената на општочовечко ниво и да се дискутира за соочување со стравот и надминување на кризата. Бидејќи различни стравови и кризи нè следат во различни фази на животот од најмали па се до самиот крај. Можеби и тогаш, кога се претпоставува дека би требало да сме малку помудри и помирени следува најголемиот страв.

А, и без драматичниот страв од смртта, животот во некои потешки мигови кога сме истоштени и склони кон песимистичка перспектива ни се чини како серија стравови и нивно исцрпувачко надминување.

Друга важна тема за разговор која романот ја отвора е за тоа како животот некогаш нè присилува, некогаш уште многу рано, да научиме светот да го гледаме низ поинакви очи. Што само по себе звучи клишеизирано, но некогаш околностите се такви и повеќе немаме можност да бидеме истата личност. Таа личност постепено снеможува и ни лизга низ прстите. За на нејзино место да дојде нова. И сето ова би звучело прилично мелодраматично, ако не е суштествено прилично болно.

Во кратко, како што и пишува сублимирано на задната корица:

“Деветгодишната Мафалда носи очила со жолти рамки, има мачор по име Отимо, другарка-Амазонка и најдобар другар по име Филип. Но таа е исправена пред чуден предизвик. Ѝ откриле Старгартова болест која предизвикува постепено губење на видот и слепило. Во дневникот започнува да ги запишува сите нешта што нема да може да ги прави – да ги брои ѕвездите на небото, да игра фудбал со машките, да се качува на црешовото дрво во училишниот двор. Ама, набрзо дознава дека постои и инаков начин на гледање. Со чекорите го мери растојанието до црешовото дрво… во правец на опојниот мирис… и започнува нов список: со нештата што сѐ уште ќе може да ги прави.

Во мракот што ја опфаќа, Мафалда, исто како и Малиот Принц, учи светот да го набљудува со срцето, а не со очите. Горчината што ја чувствува читателот само се засилува со сознанието дека и самата авторка на романот страда од истата болест“.

Мафалда низ ситните убави нешта (пријателството со Филип, екскурзијата, но и чудната одлуката дека непосредно пред да го изгуби видот потполно ќе се пресели на црешовото дрво) и некои тешки (промената на станот, смртта на нејзината пријателка Естела …) многу рано учи дека таа го нема комфорот да остане иста и мора да научи да се прилагоди на живот без сетилото за вид. Следствено, учи за сета убавина за која и требаат поинакви рецептори, други емотивни сетила, наместо очите. Учи да го трансформира својот поглед и перспективата за тоа што го прави животот убав и вреден за живеење.

Наместо класична препорака за уште една одлична книга со порака за инклузија, емпатија и недискриминација (која Бирото за развој на образованието веројатно повторно ќе ја изигнорира, ако воопшто и е запознаено со нејзиното постоење) решив остатокот од анализата на книгата да се случи низ разговор со писателката Паола Перети.

Фото: Мирко Фин/ Mirko Fin

И најавив дека во мојата препорака ќе се фокусирам на храброста во прифаќањето да се помине низ ставот и болката, не „преку“ нив и не со гард во однос на нив, туку низ нив како неизбежни трансформативни искуства. Не со претенциозниост став на Достоевски дека болката и страдањето се секогаш неизбежни за интелигентните и емотивно длабоки луѓе, туку со оптимизмот дека болката е неизбежна, но во долгото страдање има елемент на избор.

Она што го добив како одговор од Перети, која инаку и предава италијански јазик на децата на имигрантите, беше исклучително испиративната порака да „треба да се сака книзата“:

– Честопати кога зборувам со ученици во училиштата и институтите им предлагам да ја сакаат својата криза.

Во мојот живот (родена сум 1986 година) поминав низ некоја длабока криза и морав да научам како да ја претворам во можност. Понекогаш е навистина тешко да се преживее и можам да разберам кога некој сака да се откаже. Решив да не се откажувам, но признавам дека сум многу среќен човек: имам семејство што ме поддржува, пријатели, живеам на убаво место… Моите проблеми се лесни, во споредба со големите прашања од целиот свет.

Така, назад кон процесот на повторно наоѓање среќа, верувам дека кризите се суштински моменти за дијалог со нашата душа, кога можеме да се запознаеме себеси и животот. Тоа е болен процес, но можеби клучот како да се искачиме и потоа да се симнеме од нашето црешово дрво е во прифаќањето без резигнација и автоиронија.

Никој не знае што ќе се случи утре, не можеме да контролираме сè; така, преку прифаќање на самиот живот, можете повторно да почнеме да се градиме, спасувајќи се себеси, но станувајќи и посилни од порано. Или поранливи, но и посвесни.

За да се вратиме на среќата, треба да го прифатиме фактот дека ништо не останува засекогаш исто, тоа е невозможно; сè може да се промени и да заврши, а ние мора да го оставиме минатото, мора да живееме со инструментите кои ги имаме сега. Тоа е многу, растењето е „работилница“ која трае цел живот – вели Перети.

Ваквата перспектива на толкување на книга за деца е всушност правилниот начин да се генерализира и крене на повисоко и поопшто ниво една конкретна приказна за кризата и нејзината трансформација во можност.

Децата за чија возраст оваа книга е наменета се доволно зрели со мало ненаметливо водење низ толкувањето да ја сфатат пораката за поминувањето низ кризата наспроти бегањето од неа и трансформирањето на кризата во можност. Со малку поедноставен вокабулар (и пред се, одлична книга) некогаш се постигнуваат чуда.

Во однос на ликот на Мафалда и релацијата со искуството на самата Перети, таа во интервју за “Books for keeps” ја нарекува „парче од мојата душа, од мојата приказна“.

Ми раскажа дека таа и Мафалда се „различни гласови на иста приказна“.

-Таа боледува од Макулопатија, како и јас, но никогаш не сум била мало девојче во толку длабока неволја. Дијагнозата ја добив на 13 или 14 години. Но, како учителка (наставничка бев 7 години), можев да ги слушам детските гласови и да се грижам за мојот детски глас; па лесно беше да се праша Мафалда дали е подготвена за следното поглавје и следното…

Очигледно ја живееме болеста на различни начини: проблемите со видот се јавија кога бев тинејџерка, а сега сум 1 од 10 (не целосно слепа).

Но, емоциите на срам, страв, тага… се исти. Долго време се обидував да го сокријам мојот хендикеп затоа што сакав да изгледам како секоја друга девојка, сакав да живеам „нормално“ и да ги правам работите како сите други. Не сакав да изгледам „чудно“ или неспособно.

Поради овие негативни чувства, многу долго време бев презаштитена ќерка, до 30-годишна возраст, кога имав уште една голема траума (развод).

И кога навистина се чувствувате изгубено, треба да соберете ресурси за да продолжите, да научите како да бидете возрасен, можеби да ја започнеете кариерата за која сте сонувале во детството! Секогаш ги охрабрувам младите луѓе да размислуваат за големите прашања за животот, бидејќи тие треба да почнат да собираат инструменти за да станат посилни. Мора да научат и како да бидат самостојни, и колку што можат помалку да се потпираат на други. На овој начин тие можат да се ослободат од токсични врски и можеби да му помогнат на некој друг.“

И во тоа што го зборува Перети лежи и трансформацијата која и се случува на Мафалда.

Како што постепено се намалува дистанцата од која успева да го види црешовото дрво (односно постепено го губи видот) успева притисокот да го трансформира во можност да стане посамостојна и што е најважно, да сфати дека списокот на нешта кои повеќе нема да може да ги прави мора да го скине и започне нов – список на нешта кои ќе може секогаш да ги прави и ќе ја прават среќна.

Тоа, секако, се случува низ момент на емотивна катарза, во што не би сакала да завлегувам за да не го расипам задоволството на читањето (и евентуалниот шок во Бирото за развој на образование и нивната вечно иста листа на лектири).

Исклучително важен двигател на еманципацијата на Мафалда е ликот на Естела, жена од Романија вработена во училиштето која од Мафалда крие дека боледува од рак на градите. Нејзината важност е во тоа што дури и кога се чини претерано искрена и директна, всушност не и дозволува на Мафалда да западне во себесожалување и во трајна криза туку буквално на секој чекор ја учи како да не се доживува себеси како жртва.

-Естела беше инспирирана од некои жени што ги познавам: мајка ми  сестра ми, и мајките што ги запознавав кога работен како учителка.

Моите мали ученици беа деца на доселеници (овде во мојот град, во текот на деведесеттите видовме посилна имиграција од Албанија, отколку од Романија, Кина, Нигерија, Сенегал, Мароко, Косово, Украина, Молдавија, Русија и Бразил). Романските мајки беа силни жени, често сами, работнички и прилично силни.

Естела е мешавина од нив. Таа е вистинска пријателка, верувам, во тоа што и ја кажува вистината на Мафалда, дури и кога не е толку убава. Сакав Мафалда да има необична и не толку нежна „помош од возрасен“.

Естела и Мафалда поминуваат низ тешко искуство и можат да се препознаат како жени кои сами треба да одлучуваат за својот живот, но и заедно – токму поради оваа причина.

Завршувам со Вирџинија Волф, која предложи создавање на „Здружение на странци“ (жени во заедница против војната); На новата генерација и посакувам создавање на „Друштво на познаники“ за меѓусебно поддржување во неволја. Жената која не и помага на друга жена е полоша од најлошиот непријател – раскажа Перети.

„Чекорите до црешовото дрво “ е нежна и топла приказна за храброста да се менуваме и за надежта која го надминува стравот.

Често подобри денови навистина и доаѓаат

Лени Фрчкоска

 

 

Back to top button
Close