Само што започна собирот во Скопје, МВР воведе забрана за снимање со дронови без објаснување

Сите места каде ќе се маршира, вечерва станаа забранета зона за снимање со дронови. Дури на една минута по стартот на собирот и марш за настраданите во дискотеката во Кочани, а по прашањата од „Скопје1“, стигна и соопштение од Министерството за внатрешни работи со кое информираат дека вовеле забрана. Тоа е направено без никакво објаснување, па така, и на тие кои имаа дозвола, меѓу кои беше и нашата екипа – дозволата им е откажана.

За воведувањето забрана, системот на Агенцијата за воздухопловство не испраќа известувања до тие кои веќе имаат закажани летови. Па така, ако лицата кои оперираат со дронови, не следат медиуми од минута до минута – тогаш може да добијат и казни, како што се вели во соопштението.

„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, стои во соопштението.

Но во него, МВР не објаснуваат која е причината поради воведување на ваквата забрана. Особено, ако се има во предвид дека снимањето на дрон, ако немаше забрана, можеше да се направи согласно сите законски прописи – да не биде над толпата, да се види во радиусот кој е регистриран, да го прават оператори кои се регистрирани.

„Скопје1“ побара објаснување за тоа зошто МВР донела интервентна одлука за забрана на снимање со дронови на сите локации каде е маршот, како и зошто вакви забрани се носат сега, но не и кога во време на кампањи политичките партии снимаат цели митинзи со дронови. Одговори ни најавија за утре.

Инаку, во центарот на Скопје има марш организиран од организацијата „Кој е следен?“, преку кој се бара правда за загинатите во трагедијата, а се испраќаат пораки до политичарите и сите кои раководат со државниот апарат.

Back to top button
Close