СДСМ бара Гаши да каже што ќе преземе и кои се следните чекори по изгласувањето недоверба за Илире Даути

„Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ, не може интерпелација да нема никаква правна последица“, велат од партијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара од претседателот на Собранието Африм Гаши да каже кои се следните чекори што ќе се преземат откако во петокот на пленарна седница беше изгласана интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјални работи, демографија и млади Илире Даути.

 

„Иако и беше изгласана недоверба на претседателката на Комисија за социјална политика, Илирие Даути, претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека тоа не е обврска за нејзино разрешување и дека нема правно дејство. Сега, откако е изгласана интерпелација, односно недоверба, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти што ќе преземе и кои се неговите следни чекори“,

 

се вели во соопштението од СДСМ.

Оттаму велат дека нема да навлегуваат во фарсата што во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ.

 

„Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ не може интерпелација да нема никаква правна последица“,

 

велат од СДСМ.

Според партијата, целата одговорност околу несвикувањето седница за Законот за бранители и по усвоената недоверба за Даути е кај претседателот на Собранието.

 

Интерпелацијата за Даути, која во ноември ја поднесе Левица, а се најде на првата пленарна седница на законодавниот дом во новата година, ја поддржаа 61 пратеник. За интерпелацијата покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

 

Со 61 глас „за“ Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути што ја поднесе Левица

 

Откако пратениците во Собранието изгласа недоверба за Даути, од кабинетот на претседателот Гаши испратија соопштение во кое нагласуваат дека гласањето нема правно-обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

 

Денеска, пак, со пишана изјава се огласи Даути која вели дека, според донесениот заклучок, изгласувањето на интерпелацијата значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Изгласувањето на интерпелацијата значи мое разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ, вели Даути

 

 

Back to top button
Close