СДСМ: Без оставки од Стоилковиќ и Китановиќ – Мицкоски потврдува дека Ратко Младиќ е и негов генерал
СДСМ денеска повторно го прозва премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со тоа што не побарал оставки и одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, говори дека се согласува со нивните јавно искажани ставови во врска со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

Социјалдемократите неколку дена преку прес-конференции и писмени соопштенија бараат од премиерот да ги повика на одговорност двајцата функционери на владиниот партнер – Демократската партија на Србите во Македонија, кои минатата недела на социјалните мрежи излегоа со објави во кои се глорифицира ликот на Ратко Младиќ.
Младиќ почина во четвртокот во Хаг, каде што издржуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства.
„Христијан Мицкоски молчи за својот пулен во Владата, Иван Стоилковиќ, не смее ниту да го спомене со име, а камоли да побара негова одговорност. Молчи и за Китановиќ. Иван Стоилковиќ навредува пратеници во Собранието и го велича Ратко Младиќ. Далибор Китановиќ како Директор на Агенцијата за правата на заедниците објавува пофалби за човек кој спроведувал етничко чистење на заедниците“, се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од опозициската партија го споменуваат и Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазици на заедниците, кој, како што велат од СДСМ, објавува гнасни текстови, полни со тешки навреди и говор на омраза против Социјалдемократскиот сојуз и неговиот претседател Венко Филипче.
„Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на Александар Вучиќ“, велат од партијата.
Според СДСМ, доколку нема оставки од Стоилковиќ и Китановиќ, тоа значи дека тие останале на истиот став дека „Ратко Младиќ е нивен генерал“, а со тоа, како што додаваат, и Мицкоски, како нивни шеф, потврдува дека „Младиќ е и негов генерал“.
„Знаеме дека Младиќ е генерал на Вучиќ. Сега знаеме дека е и на Мицкоски“, наведуваат од СДСМ






