СДСМ: Владата нема концепт, но нема ни желба да ги намали цените на производите што вртоглаво растат

Од СДСМ додаваат дека ова е нова манипулација за која велат дека е без никаков ефект и има за цел само кратко да го смири гневот на јавноста и оти доаѓа по „мачкањето очи на граѓаните со намалувањето на цените за фломастерите и моливите откако започна учебната година“

Владата апсолутно нема ниту концепт, но нема ни желба да ги намали цените на производите што вртоглаво растат, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Откако денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека производите што ќе бидат дел од есенската кошничка ќе бидат со ограничена бруто профитна маржа до 10 отсто, од СДСМ велат дека тоа не е никакво конкретно решение.

„Последната епизода од сапуницата на Владата наречена ’есенска кошничка’ ни донесе нови изненадувања. Намалувањето на маржите само на околу 100 производи не е никакво конкретно решение, ниту ќе има сериозен ефект на намалувањето на цените“,се вели во соопштението од СДСМ.

Оттаму додаваат дека ова е нова манипулација за која велат дека е без никаков ефект и која има за цел само кратко да го смири гневот на јавноста и оти доаѓа по „мачкањето очи на граѓаните со намалувањето на цените за фломастерите и моливите откако започна учебната година“.

Во соопштението, од СДСМ потсетуваат дека за време на кризите во изминатите години, додека тие биле на власт, имало конкретни и ефективни решенија.

„Цените беа намалувани за преку 500 производи за исхрана, но се држеа под контрола и цените на останатите производи и на енергенсите. Ова е вистинска грижа и концепт за заштита на стандардот на граѓаните, а не половични решенија кои нема да имаат никаков ефект“,додаваат од СДСМ.

Од СДСМ велат дека, доколку Владата не знае, тие може да дадат конкретен предлог-закон со кој проверено ќе заштедат сите граѓани и ќе се амортизира ценовниот шок, додека компаниите нема да сносат штети.

Предлогот на Министерството за економија и труд за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто на дел од производите се очекува да се најде на владина седница наредната недела и доколку тој биде прифатен веднаш да почне неговата примена. Ваквото ограничување на профитната маржа ќе трае еден месец.

Back to top button
Close