СДСМ: За нецела година запалени се 18 возила во Прилеп, бараме итна седница
Од моментот кога за началник на ОВР – Прилеп и командир на прилепската Полициска станица беа именувани кадри на ДПМНЕ, Прилеп стана опасно и небезбедно место за живеење, обвини денеска Александар Китаноски, член на Советот на Општина Прилеп од СДСМ и Коалицијата.
-Во тој период, за нецела година во нашиот град запалени се 18 патнички и товарни моторни возила, опожарен е ноќен клуб, во двор од куќа е фрлена бомба, во друга е поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки.
Игнорирајќи ја алармантната безбедносна состојба во Прилеп, локалната власт на ДПМНЕ ги доведе во опасност животите на нашите сограѓани.
И покрај ветувањето на претседателката на Совет на Општина Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, дека на седницата закажана за четврток 26-ти декември, ќе го стави на дневен ред барањето на нашата советничка група за поднесување Информација за актуелната безбедносна состојба во градот од страна на ПС од Општа надлежност – Прилеп, тоа не се случи.
Од тие причини, советничката група на СДСМ и Коалицијата денеска до Стерјовска Локвенец достави барање за свикување Итна седница на Советот на Општина Прилеп.
Бараме, Итната седница да биде закажана за утре, среда 25-ти декември, на која единствена точка на дневниот ред би била расправа за нарушената безбедносна состојба во општина Прилеп.
Враќањето на мирот и безбедното живеење, за прилепчани нема алтернатива!, вели Китаноски.