Се измешаа картите: дали цехот за Беса ќе го плати Владата?

Од опозициската Алтернатива нема да ја поддржат владејачката Беса во вториот круг, но поддржуваат ново мнозинство, а нивен функционер тоа го најавува за – понеделник!

  

Пет дена пред вториот круг од локалните избори, откако ДУИ и ДПА се договорија за меѓусебна поддршка на изборите, таков договор падна и меѓу владејачката Беса и опозициската Алијанса за Албанците. Иако сите партии од власта по првиот круг декларираа дека  владејачката коалиција е стабилна,  сепак неизвесно е дали овој потег на Беса под мотото „за промени“ ќе биде само од локален карактер, или може директно да се одрази и на централната власт.

Алтернатива која е во Коалиција со Алијанса за Албанците ја нема во овој „аранжман“ заради претходни несогласувања со Беса, поради кои се издвоија од неа во посебен партиски субјект. Зекирија Ибрахими, висок функционер од Алтернатива, кој во гостување на ТВ „21“ упати сериозни критики кон партиите од власта, беше дециден дека нема да ја поддржат Беса во  Тетово и Желино, затоа што ниедна партија од власта не заслужува поддршка.

„Знам дека Таравари даде поддршка за Беса за Тетово и за Желино, но тоа е нивни, партиски став на Алијанса за Албанците, и тоа е коректно. Нашиот став, еве ексклузивно, директно од партискиот состанок, е дека нема поддршка за ниедна партија од власта, вклучувајќи ја и Беса. Тие се дел од Владата и глумат жртва, а ги користат бенефициите на власта. Тие се филијала на СДСМ. Доколку излезат од Владата, потпишат интерпелација, тогаш имаат право да бараат опозициски глас“, потенцира Ибрахими.

Тој посочи дека во понеделник ќе се објави ново владино мнозинство, претходно објаснувајќи дека неговото формирање е во рацете на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дека ја има нивната поддршка, но и дека веќе се разговара за „поделба на колачот“ за јавните претпријатија во  Град Скопје.

Прво резултати

Иако од политичари во владејачката коалиција Алтернатива беше спомнувана како партија која по изборите може да стане дел од Владата, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи тоа го прикажа и како „завршена работа“, од оваа опозициска партија ги демантираат таквите наводи. И кај нивниот коалициски партнер, Алијанса за Албанците, не веруваат дека може да се случи таков пресврт.


Во очекување на изборните резултати од вториот круг на локалните избори

„Не верувам, бидејќи ќе има ново мнозинство. Така што, Алтернатива ќе стане дел од Владата но заедно со нас и другите партии, со ново мнозинство“, изјави деновиве Генералниот секретарот на АА, Арбен Таравари.

Но, извори од албанскиот блок, велат дека е рано да се зборува за што било пред да се видат  изборните резултати.

„Прво, без оглед на партиските соопштенија за меѓусебна поддршка, гласот е кај избирачите а не кај партиите. Тоа се однесува и за ДУИ и ДПА, но и за Беса и АА/А. Второ, прашање е дали опозициските партии во албанскиот блок повеќе добија или повеќе изгубија од соработката што од опонентите беше претставена како нивна ‘вмроизација“. Резултатите од првиот круг веќе нешто покажуваат, но вториот недвосмилено ќе открие колку имале ќар или зијан. Ако кандидатите на АА/А не обезбедат добар резултат во вториот круг, прво што таму ќе се постави ќе биде прашањето на одговорноста, бидејќи ветуваа промени. Од нивните резултати ќе биде јасно дали ќе расте потенцијалот и за други политички офанзиви (ново мнозинство) или за внатрешно рекомпонирање. Од резултатите ќе зависи“, велат нашите соговорници.

Она за што немаат дилеми е дека во моментов се прават многу заткулисни договори, се играат многу игри, од кои некои и „двојни“, а сето тоа води кон неизвесност и нестабилност.

Ново мнозинство – ден поскоро!

Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, во понеделникот ги повика нивните активисти да ги поддржат кандидатите на Алијанса во вториот круг, а побара поддршка за кандидатите на Беса во Тетово и Желино.

„Во вториот круг од  локалните избори , сите гласачи на Беса треба да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците и со тоа да помогнат во политичкиот пораз на ДУИ и ДПА“, рече Хоџа.

Од Алијанса за Албанците се согласија на меѓусебна поддршка.

„Во исто време продолжуваме да оценуваме дека ДУИ треба да падне од која било власт. Се надеваме дека Движењето Беса ќе има вистинско одвојување од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде отстранета од власт и создадеме ново парламентарно мнозинство“, изјави Таравари.

Во врска со тоа, потпретседателот на Беса, Кастриот Реџепи, на Фејсбук објави: „Што се однесува до новото парламентарно мнозинство без ДУИ што го спомена Арбен Таравари, тоа треба да биде ден поскоро.“

извор: Дв

Back to top button
Close