Се подготвува ли т.н. „бадентерова криза“ во законодавниот дом?!

Првиот парламентарец Африм Гаши пред медимите уверува дека нема да дозволи злоупотреба на Деловникот за да предизвика парламентарни избори, освен ако лидерите на партиите не се договорат да има избори . Ова го порача Гаши како одговор до албанските опозициски партии, доколку и по одморите продолжат да ја блокираат работата на Собранието со процедурални забелешки. Тој порача дека блокадите на опозицијата со процедурални забелешки е ризично прашање што мора да се разреши, но и предупреди дека, во спротивно, можно е следниот собраниски состав воопшто да не може да се конституира поради процедурални блокади.

Сепак, дали ќе има предвремени парламентарни избори, ќе зависи од ставот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетски прашања, но и од решеноста на албанскиот опозициски блок целосно да го блокира законодавниот дом.
– Немаше посебна најава дека ќе се продолжи со блокадата. Ако продолжи блокадата, тоа би било злоупотреба на Деловникот. Ќе видиме како ќе биде. Предвремени избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат да го распуштат Собранието, а јас сум само еден од тие 120 пратеници, кои заедно ќе одлучат кога ќе има избори – рече Гаши на редовниот брифинг со новинарите.

Претседателот на Собранието додаде дека нема да дозволи преку злоупотреба на Деловникот да се предизвика одржување предвремени парламентарни избори.
– Јас сум поборник за редовни парламентарни избори. Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава на повисоко ниво. Ако има политичка согласност на лидерите за избори – во ред. Јас нема да дозволам злоупотреба на Деловникот со цел да се предизвикаат парламентарни избори – нагласи Гаши.
Процедура или тортура?
Дилемата дали опозицијата ги злоупотребува процедуралните забелешки и со тоа ја блокира работата на Собранието, треба да ја разреши Комисијата за деловнички прашања, од која Гаши веќе побарал да го разгледа неговото барање, односно да го толкува Деловникот, поточно да се каже на што конкретно се мисли кога се бара да се реагира процедурално.
Тој потсети дека процесот „Жан Моне“ траел седум години и дека главна тема била да нема филибастеринг и на Собранието.

Според него, сите партии учествувале во процесот „Жан Моне“ заедно со претставници на Европскиот парламент и Деловникот е донесен таков каков што е, со цел да нема блокади на Собранието, односно да се прецизира само за кои закони треба да има консензус. За пет закони – Законот за Собранието, Деловникот, Законот за финансирање на политичките партии, Изборниот законик… – мора да има консензус и за нив е можна блокада, додека за сите други треба да се почитува Деловникот и волјата на мнозинството.
– Не е добро ниту за овој ниту за наредните собраниски состави да оставиме една ваква отворена рана. Тие што мислат дека денес ќе блокираат со такви процедурални забелешки, тогаш јас во идниот парламентарен состав и други пратеници ќе го блокираме Собранието, уште на првата конститутивна седница ќе има безброј процедурални прашања и нема да се конституира Собранието. Ова е ризично прашање. Не можеме да го оставиме така – рече Гаши.
Собранискиот спикер потврди дека разговараат со опозицијата со цел да не се блокира работата на Собранието, но сепак не отстапува дека тој, како претседател на Собранието, одлучува кога ќе го стави на гласање законот за правична застапеност.

Токму тој закон беше причина албанскиот опозициски блок со процедурални забелешки да ја блокира работата на Собранието, бидејќи се инсистира Гаши да го каже датумот и саатницата кога законот ќе се гласа. Опозицијата инсистира законот да дојде на гласање, бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство и со тоа законот да не биде донесен.

– Не случајно тој член од Деловникот не е променет, бидејќи и практиката покажува дека е битно да остане деловничка, уставна и процедурална инстанција, како што е таа претседателот на Собранието да одлучува кога ќе се стави на дневен ред гласањето. Значи, освен процедура, тој член во себе носи и политичка димензија. Тоа значи дека се остава простор за разговори, за дебата, за политичка дискусија за да најдеме одговор на прашањето. Оставено е на претседателот да одлучи токму заради политичкиот дијалог. Во демократија не може сè да се сведе на процедура, затоа се обидуваме да најдеме договор. Ако нема договор, ќе го ставам (законот) на гласање и како ќе одлучи пленумот, како и пратениците кои не се дел од мнозинската заедница ќе се произнесат за тоа прашање, таа одлука ќе се валоризира – рече претседателот на Собранието.

Освен законот за правична застапеност, Гаши на седницата утре нема да стави ниту еден од десетте закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство, а власта го нема, а кои пак се дел од 50-те закони што по скратена постапка треба да се усогласат со Законот за високи раководители.
Според Гаши, тие закони не се на дневен ред, бидејќи ќе се оптоварела седницата со многу точки.
– Имаше многу закони и со секторот за седници разговаравме како да не се обременува седницата со 70-80 закони и затоа сакавме да почнеме со седница која ќе има 50 точки. Сите предлози од пратеници и од Владата, кои доаѓаат во Собрание и за кои почнува законодавната постапка, ние ги третираме. Значи, во текот на месецот ќе бидат ставени на седница, а дали ќе бидат на една или на две седници – ќе видиме. Не сме одлучиле дали ќе има седница на која ќе има само закони за кои е потребно Бадентеровото мнозинство, тоа не е единствен критериум, туку и функционалноста на Собранието, како и тоа од каква природа се законите – рече Гаши.

Опозициските пратеници од редовите на ДУИ досега повеќепати го прозваа Гаши да ги стави блокираните закони на гласање, но тој го одби тоа, повикувајќи се на своето деловничко право. Сега, доколку се стават спорните закони на гласање и не се обезбеди Бадентеровиот принцип за нив, ќе настане нова ситуација, при што топката во играта околу можните предвремени избори ќе биде во дворот на парламентарното мнозинство.

0 comments 0

Back to top button
Close