Сè уште верувам во моќта на сексуалната слобода

Во есеј напишан во 1970 година, среде раните години на движењето за ослободување на жените, романсиерката и феминистичка активистка Џун Арнолд (June Arnold) се присеќава на неколку сесии за подигање на свеста за сексот на кои присуствувала. На овие средби жените зборувале за мастурбација, лезбејство и односот помеѓу љубовта и страста. Тие сметале дека сексот е „огромна и клучна“ тема, пишува г-ѓа Арнолд – а сепак природата на нивните сопствени желби честопати останувала нејасна.

Овие жени поминале голем дел од својот возрасен живот со желбата да бидат сметани за „добри во кревет”, што понекогаш значело да се преиначат себеси само за да ја пресликаат сексуалноста на нивните машки партнери. „Но, ниту еден маж никогаш не се налепи на нашата сексуалност“, пишува таа. „Како и би можел? Сè уште не знаевме ништо за неа“.

Сексуалната револуција го доживуваше својот врв, но вториот феминистички бран едвај се имаше кренато на нозе. Фрустрацијата на жените од сексуалниот пејзаж беше приказ за, како што неодамна посочи Мишел Голдберг (Michelle Goldberg), „она што ќе го добиете кога ќе го ослободите сексот без да ги ослободите жените“. Од жените се очекуваше да бидат послободни и похотни, но фактот дека сексот сè уште беше прилагоден само на мажите ги попречуваше тие напори. Многу жени чувствуваа дека нивните емоционални потреби се оставени во прашина, додека нивните сексуални потреби често остануваа мистерија и за нив и за нивните партнери.

Половина век подоцна, се бориме со слична динамика. Генерацијата З – која со право забележува како жените, и по сите овие години, сè уште се научени да ги приоритизираат желбите на мажите пред сопствените – почна да ја отфрла идејата за секс позитивност и да се прашува дали дејтањето без обврска воопшто вреди, понекогаш дури и целосно да се откажува од сексот. Додека правичната енергија на #MeToo движењето избледува во повеќесмислена дебата, доаѓаме до точка каде што станува очигледно дека согласноста и откривањето на тоа што не ви се допаѓа едноставно повеќе не се доволни. Што би значело да се оди чекор подалеку од согласноста и да се открие што навистина ни се допаѓа?

Раните феминистки во тие дневни соби ја имале насочено енергијата кон ова прашање, кое го сметале за централно за ослободувањето. Но, откривањето на одговорот се покажало како голем зафат. Како резултат на тоа, на маргините остана еден хаотичен и мистифициран, но истовремно политички суштински процес – да се следи желбата (чезнеењето) на свој начин и по свое темпо.

На крајот на 2016 година, ставив крај на осумгодишна врска околу шест години предоцна. Нашиот брак беше модерен и прогресивен според повеќето стандарди: експериментиравме со немоногамија; мојот партнер переше повеќе алишта од мене. А сепак не можев да си признаам еден едноставен факт: нашиот секс, како што се испостави, беше лош. Суштински, интуитивно лош. Иако сексот не беше единственото нешто што не беше во ред со нашата врска, беше суров доказ за слабата врска помеѓу нас. Но, и покрај тоа, останав вкочанета од незадоволство, без да можам да ги артикулирам своите најдлабоки потреби пред себе, пред мојот партнер или пријателите. Како тоа јас, наводно омоќена феминистка, завршив тука?

Разбирањето на нашите автентични желби долго време е безнадежно попречено од политиката. Дури и кога феминистките од 60-тите и 70-тите ја препознаа важноста на потрагата по сексуална исполнетост, јасно беше дека прифаќањето на сексуалната слобода ќе биде лесно на збор, но тешко во пракса. Од ослободената жена се очекуваше да ги избегне улогите и правилата што ѝ беа наметнати и да ги замени со своите желби – за чиешто откривање многу често е потребно да се отплеткаат долгогодишни научени однесувања.

Само шест години откако г-ѓа Арнолд го напиша својот есеј, социологот Shere Hite објавил извештај за женската сексуалност. Во него, обичните жени кои се движеле низ нормите на сексуалната револуција се мачеле да утврдат што точно бараат. Една жена се обидела да објасни дека не сака баш традиционално обврзување – само поголема поврзаност и наклонетост, повеќе … нешто. „Не верувам дека треба да бидете заљубени и во брак додека смртта не ве раздели“, изјавила друга жена. „Но, умот и телото се еден поврзан организам, и не е дури ни физички забавно ако вклучените луѓе вистински не си се допаѓаат!“ Видлива е небулозноста на изјавите и трудот потребен одново да се напишат долгогодишните културолошки сценарија.

Текстот во целост прочитајте го на Медуза.мк

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close