Се затвораат досега постоечките алатки за транспарентност на владините институции

Основачот на Тајм.мк (http://time.mk) Игор Трајковски, денеска на социјалната мрежа Х објави дека добиле известување од Бирото за јавни набавки (БЈН) дека на најпосетуваниот агрегатор на вести отсега понатаму нема да има автоматски пристап за преземање на податоците за јавни набавки.

„Поради спроведување на нови безбедносни мерки, не дозволуваат автоматски пристап за преземање на податоците за јавни набавки. Ни препорачаа рачно да преземаме .csv датотеки. И тоа не премногу често, за да не не блокирале“, напиша Трајковски на мрежата Х.

Добивме одговор од Бирото за јавни набавки.
Поради спроведување на нови безбедносни мерки, не дозволуваат автоматски пристап за преземање на податоците за јавни набавки. Ни препорачаа рачно да преземаме .csv датотеки. И тоа не премногу често, за да не не блокирале. (1/2)

— Igor Trajkovski (@mkrobot) August 19, 2024

За основачот на Тајм.мк „ова е резултат на неспособност, незнаење и немање воља да се реши проблемот и наведува дека и од Бирото за јавни наваки можат да направат отворен пристап каков што има до трезорот https://open.finance.gov.mk/mk/archive, но Трајковски заклучува дека за БЈН тоа не било прифатливо.

Ова е епилогот на барањето на Тајм.мк, како и досега транспаретно да бидат објавувани сите јавни набавки што ги прави Владата и другите државни институции кои се должни тоа да го прават преку Бирото за јавниу набавки и сето тоа да биде според законските обврски за транспарентност и за отворен пристап до податоците од јавен интерес.

Тајм.мк се соочи со неажурност на податоците за јавните набавки од 30 јули оваа година, кои не можеа да се преземат, поради ограничувањата кои ги има постави Бирото за јавни набавки за начинот на пристап на сајтот.

За ова Трајковски информираше на 12 август, а денеска го соопшти одговорот дека БЈН веќе нема да дозволува автоматски пристап до податоците.

Оваа промена во работата на БЈН во однос на отвореноста за следење на трошењето на народните пари е уште еден чекор во падот на транспарентноста на работењето на институциите на Владата и самата Влада.

Имено, Владата падна од ланското прво место и 100 проценти на 40 место со 87 проценти активна транспарентност, се вели во заклучоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите што го спроведува од 2016 година.

Back to top button
Close