Сенатот денеска гласа за назначување на првата Афроамериканка во Врховниот суд на САД

Сенатот денеска се очекува да ја одобри номинацијата на Кетанџи Браун Џексон за судијка во Врховниот суд на САД, еден од трите главни столбови на американската држава.

Демократот Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот, доцна синоќа изјави дека Сенатот треба да го одржи финалното гласање в четврток попладне. 

Демократите имаат тенко мнозинство во речиси еднакво поделениот горен дом на американскиот Конгрес, составен од 100 члена. Сепак, тројца републиканци – сенаторите Сузан Колинс, Лиза Мурковски и Мит Ромни – изјавија дека ќе гласаат за Џексон да биде назначена за судијка во Врховниот суд. 

Функцијата судија во Врховниот суд на САД е доживотна. 

Џексон (51), доаѓа од федералниот апелационен суд и ќе биде првата Афроамериканка што ќе служи на судот. 

Таа, исто така, ќе им се придружи на трите други жени судијки: Соња Сотомајор, Елена Каган и Ејми Кони Барет. Сo ова се одбележува уште еден историски факт, кога првпат во историјата на Врховниот суд на САД со него ќе заседаваат четири жени. Вкупниот број членови на судот е девет. 

Претседателот Џо Бајден на почетокот на годинава ја номинираше Џексон на местото на судијата Стивен Брејер кој заминува во пензија. 

Back to top button
Close