Сериозен преседан е што гласавме „воздржано“ за резолуцијата на Украина, вели Филипче
Ние гласавме „воздржано“, а на масата е документ да се прекине војна. Сметам дека Владата или не разбрала што точно се случува, или навистина одлучиле за првпат да немаат став кога станува збор за два документи, чија што цел е да се запре војната во Украина на еден или на друг начин. Ова е сериозен преседан и е апсолутно недозволиво, порача вечерва претседателот на СДСМ Венко Филипче, во однос на резолуцијата на Украина поддржана од Европската Унија.
Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина поддржана од Европската Унија, а идентично се изјасни и во однос на резолуцијата на САД, чиј текст беше изменет на барање на дел од земјите членки на светската организација.
-Сметам дека првпат, на меѓународната сцена во Обединетите Нации ние гласаме воздржано, а на масата е документ да се прекине војна. Тоа до сега не било, и е опасен преседан од страна на нашата Влада. За првпат после три години во Советот за безбедност функционираат работите. Америка, Кина и Русија, поради ветата на Русија кои што ги ставаше во Советот за безбедност во изминатите три години, за првпат се согласуваат со една резолуција која што ја дава Америка. Напишана на начин на кој што е напишана, сепак целта е да се прекине војната. Ние гласавме на големото Собрание, кај што доаѓа изменетата резолуција заедно со амандманите за да стане компатибилна на Европската, конзистентна со нашите политики, каде што се осудува руската агресија, рече Филипче вечерва во гостувањето на телевизијата Канал 5.
Според Филипче, нема логика да се гласа воздржано и да се биде во група со африкански земји, кои што немаат никаква поврзаност со нашата заедничка безбедносна политика, со САД и со ЕУ.
-Сметам дека Владата или не разбрала што точно се случува, или навистина одлучиле за првпат да немаат став, кога станува збор за два документи, чија што цел е да се запре војната на еден или на друг начин во Украин, а едниот е коспонзориран од нас. Мислам дека тоа е апсолутно недозволиво. Ние имаме стратешко партнерство со Европската Унија. Ние многу често слушаме едно, а гледаме друго, од страна на Владата. Слушаме дека ние продолжуваме да се бориме за Европа, а не гледаме никаков чекор напред, додаде Филипче.