Сестрата на Фросина: Општеството не смее да биде заложник на луѓе без морални темели
Сестрата на трагично загинатата Фросина Кулакова денеска од Кавадарци порача дека бараат одговорност и од Зоран Јованов, таткото на 20-годишниот Васил кој ја усмрти неготинката, но и од судијката Даниела Алексовска-Стојаноска која во постапка поврзана со дрога му одредила воспитна мерка, наместо затворска казна.
„Општеството е огледало на вредностите што ги носат оние кои го водат, а децата се начистиот одраз на своите родители. Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури ни во сопствениот дом. Доделувањето на држaвните функции не смее да се сведе само на формални образовни критериуми, јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет, кој својот карактер го покажале и во својот живот како граѓани, родители. Оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник, да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Ваквите лица не смеат да добијат јавна функција туку да одговараат за сопственото делување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници. Општеството не смее да биде заложник на луѓе без морални темели“, рече Росица Кулакова.
Таа додаде: „Ние за Фросина бараме правда не само од убиецот, бараме правда и од таткото, бараме да одговара таткото, да се затвори таткото, Зоран Јованов и судијката, Даниела Алексовска-Стојаноска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство кон семејството, туку се кријат и бришат профили“.