Шахпаска-Мосоти: Унапредувањето на родовата еднаквост е значајно

Унапредувањето на родовата еднаквост ни е особено значајно и во таа насока е подготовката на новиот закон за родова еднаквост, порачала министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната средба со директорот на УНФПА за Северна Македонија, Србија и Косово, Џон Кенеди Мосоти.

Со новото законско решение, како што појаснила министерката, се обезбедува отварување на потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, како и еднаков пристап до ресурси и учество во донесувањето на одлуки во сите сфери од општественото живеење.

Се воведуваат и три нови механизми – Секретаријатот за родова еднаквост како највисоко тело кое ќе ја координира и следи работата на органите на државната управа и локалната самоуправа при имплементацијата на законот, потоа ресурсен центар, кој ќе биде тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање и третиот механизам е Национално координативно тело со кое што ќе претседава министерот за труд и социјална политика.

На состанокот било истакнато дека Министерството работи и на подготовка на новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година чија цел е унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски.

Се разговарало и за унапредување на правата на лицата со попреченост, при што министерката посочила неколку значајни сегменти на кои Министерството сериозно работи изминатиот период.

– Пред нас е предизвикот за заокружување на процесот на деинституционализацијата до 2027 година согласно проектите, сите корисници од Заводот во Демир Капија, Заводот Бања Банско, како и Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле, да бидат преселени од институциите и сместени во помали станбени единици, односно се менува формата на грижа за овие лица во живеење со поддршка, посочила Шахпаска.

Директорот на УНФПА истакнал дека сите заложби и постигнатите резултати на Министерството за труд и социјална политика се јасно видливи и препознаени и изразил задоволство од идните планови и проекти на Министерството.

Двете страни се согласииле дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште позасилено темпо во насока на градење на еднакво општество, без стереотипи и предрасуди, насочено кон превенирање на родово базирано насилство, унапредување на статусот на жените во сите области и унапредување на правата на лицата со попреченост.

Back to top button
Close