Шмит: Осудените воени злосторници не треба да извршуваат јавни функции
Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит учествува на меѓународната конференција по повод 30-годишнината од формирањето на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), на која говореше на тема воени злосторства, пренесува Анадолија.
Во изјавата пред почетокот на конференцијата, Шмит потсети колку сурови и ужасни работи се случија пред 30 години, вклучително и геноцидот во Сребреница, воените злосторства и злосторства против човештвото.
– Мислам дека треба јасно да ставиме до знаење дека никој кој е осуден во Хаг или во друг суд по овие обвиненија повеќе не треба да биде дел од јавниот живот и на јавна функција. Сите треба да знаат што се случило, потенцираше Шмит.
Тој нагласи дека е неопходно да се има регистар на оние кои извршиле воени злосторства како што е препорачано од ЕУ и да се работи на него.
– Го следам претходниот извештај на Европската унија од 2019 година и тоа ќе го направиме што е можно поскоро, заклучи Шмит.