Шмит, засега, ќе наметне измени на изборниот закон во БиХ само од техничка природа

Високиот меѓународен претставник за БиХ Кристијан Шмит одлучи да наметне одлука за измени на изборниот закон на Босна и Херцеговина, но тие ќе бидат само од техничка природа и нема да се однесуваат на спроведувањето на пресудата на Уставниот суд во  случајот „Љубиќ”, потврдија денеска лидерите на дел од политичките партии во таа земја.

Во текот на денот, Шмит ги покани претставниците на најголемите политички партии од БиХ во неговата канцеларија во Сараево (ОХР) за да ги информира за таквата намера.

– Засега имаме само одлука која се однесува на интегритетот на изборниот процес, изјави за новинарите претседателот на СДП БиХ, Нермин Никшиќ, по средбата со високиот претставник. Тоа главно би значело само подобрувања во контролата и организацијата на изборниот процес со цел да се спречи изборен фалсификат.

Никшиќ, како и другите учесници во разговорот, потврди дека Шмит бил невообичаено емотивен на средбата, јави Хина.

Според претседателот на партијата Народ и Правда (НиП), Елмедин Конаковиќ, Шмит „викал и удирал по масата” и „ги покажал емоциите” и на крајот побарал од партиските лидери да се обидат да постигнат договор за поцелосни измени на изборниот закон што е можно поскоро, или, во спротивно, тој ќе дејствува.

Според нивните проценки, тоа би можело да се случи во септември, но прецизен рок не е одреден.

– Шмит сега мудро чека некое време и ако политичките актери не можат да се договорат, тој ќе дејствува, рече Конаковиќ.

Тој потврди дека ова се однесува и на можното воведување цензус за делегирање на претставници од жупаниските собранија во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, што е суштината на спроведувањето на пресудата во случајот „Љубиќ” и со што би се спречило мнозинството од хрватската група во Домот на народите да биде преземено од партии со бошњачка или граѓанска ориентација.

Шмит, наводно, инсистира на договор со кој ќе се отстрани можноста за блокирање на функционирањето на Федерацијата Босна и Херцеговина по изборите.

Лидерите на СДА и ХДЗ БиХ, Бакир Изетбеговиќ и Драган Човиќ, како што потврдија другите учесници, не биле на средбата со Шмит

Back to top button
Close