Шпалир за Вархеји

Од целата помпа и драматика за историската средба меѓу Христијан Мицкоски и Стево Пендаровски излезе само едно: ВМРО-ДПМНЕ упорно и решителено си ја тера својата агенда – напаѓачите на Собранието на 27 април 2017 да станат уставобранители.

Друго на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ е ни важно. Самиот Пендаровски рече дека средбата не е вредна за медиумско внимание.

Со што заслужил Оливер Вархеји, комесар за проширување на ЕУ, во шпалир да го чекаат лекари и сестри пред салата „А1 Арена Борис Трајковски“? Па ги извадија во белите мантили од среде вакцинирање, уште да им дадеа знаменца да мавтаат. Зошто му даваме шанса да се чувствува битен, дека еве демек нешто работи, дека нешто покажува солидарност? За првите 4.000 вакцини што доаѓаат од ЕУ? Па Вархеји не си ја имаше напишано домашната пред да дојде и не знаеше дека медицинските лица веќе се и ревакцинирани. И тоа со српска донација од американски и руски вакцини. Се виде дека нема поим што зборува. Покажа на лекарите во салата и рече: „Еве почна вакцинацијата на медицинските лица и во следните два месеца сите ќе бидат извакцинирани“.

Ќе ни беа нам вакцинирани медицинските лица ако чекавме на Вархеји и европската бирократија, како што го дочекавме датумот за почеток на преговори. И ако не беше Александар Вучиќ, да им се перчи на богатите Европејци покажувајќи им како се набавуваат вакцини и да им држи лекција за солидарност со соседите.

Само што, многу ми е и е криво дека Вархеји ѝ го украде моментот на австриската министерка Каролине Едштадлер. Бидејќи, иницијативата за подарување вакцини за Западен Балкан е на Австрија. Ај што ѝ го украде моментот, туку и го упропасти настанот со изјавата дека ако не постигнеме договор со Бугарија, Европската комисија може да размислува и за можноста само Албанија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Но, уште повеќе ми е криво дека и премиерот Заев не го искористи моментот, па да се надоврзе на таа изјава и да го праша Вархеји јавно пред камери: Дали тој, како европски службеник, е свесен за последиците ако на Албанија ѝ се дозволи да ги почне преговорите, а Македонија остане блокирана од Бугарија затоа што не сме се договориле што ќе правиме со Гоце Делчев? Особено што, само неколку часа претходно австриската министерка кажа дека Австрија бара почеток на преговори со двете земји и дека е време ЕУ да си го исполни ветувањето. Жената дури и македонски прозборе, на јазикот за којшто Вархеји веројатно смета дека треба да преговараме со Бугарија дали и ние го зборуваме.

Ај да видиме. Нека се случи и тоа што доаѓа како нова закана од европскиот Комесаријат за проширување – да ѝ дозволат на Албанија да оди напред, а Македонија да ја казнат затоа што Македонците се живи и зборуваат македонски јазик. Тоа нема да биде само победа на евроскпетиците, затоа што дури и најголемите приврзаници на ЕУ тука ќе ѝ покажат среден прст на ЕУ. Тоа ќе биде пораз на европските вредности затоа што самата ЕУ се откажала од нив.

Башка, зошто забораваме дека Вархеји доаѓа од Унгарија, од партијата на Виктор Орбан? Дека неговиот лидер среде ЕУ секојдневно ги погазува европските вредности. И – згора на тоа – и дека шефот на Вархеји му го спреми бегството и му даде политички азил на Никола Груевски.

Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.

Back to top button
Close