Шпанските обвинители ја истражуваат улогата на поранешниот крал во спогодбата со Саудиска Арабија

– Обвинителите на Врховниот суд на Шпанија испитуваат дали поранешниот крал Хуан Карлос добил милиони долари од Саудиска Арабија за време на изградбата на брзата железница во оваа земја од страна на шпански конзорциум.

Истрагата на Врховниот суд ќе се фокусира на развојот на настаните по втората половина на 2014 година, опфаќајќи ја втората фаза од договорот од 2011 година за брзиот воз што сообраќа од Медина до Мека со акронимот на брзите возови во Шпанија.

Датумот го означува моментот кога Хуан Карлос, по неколкуте скандали,  му го препушти престолот на синот Фелипе Шести и кога, по четири децении владеење, ја загуби заштитата што му ја гарантираше шпанскиот Устав како шеф на државата.

Во изјавата на обвинителството се наведува дека заради „институционалното значење“, истрагата ќе ја води еден од главните обвинители на Врховниот суд и тројца негови асистенти.

Иако финансиите на Хуан Карлос со години се доведуваат под сомнение од шпанските медиуми, досега никогаш немаше никакви правни последици за кралот.

Шпанските пратеници досега отфрлија најмалку два предлога за отворање парламентарна истрага откако се појавија првите обвинувања против кралот.

Швајцарските обвинители, исто така, испитуваат сметка на Хуан Карлос во оваа земја, на која наводно починатиот крал на Саудиска Арабија, Абдула,  префрлил милиони долари.

Фелипе Шест во март годинава се откажа од какво и да било идно наследство од неговиот татко, откако британскиот весник „Телеграф“ објави дека сегашниот монарх е сопственик на дел од тие пари.

Back to top button
Close