Што беше тоа одржлив развој

 

Непосредно пред локалните избори во 2021г. Агенцијата за странски инвестиции објави информација за плановите за изградба на ски и туристички центри на неколку планини во земјата, меѓу кои и на територијата на идниот национален парк Јабланица. Еколозите, секако се јавија со реакција околу таквата идеја, аргументирајќи дека ваквите планови не се во насока на одржлив развој, ниту пак се во согласност со нашето и меѓународното законодавство. И потоа… настана тишина. Онаа, непријатна тишина поради која имав претчуство дека ќе се случи нешто уште полошо.

Никогаш не ме изневерувало тоа претчувство, а во случајот веста стигна неколку месеци по фантастичното и прекрасно прогласување на Шар Планина за национален парк. Во весник прочитав дека Владите на СевернаМакедонија, Косово и Албанија седнале и се договориле да градат пат и тунел- низ националниот парк. Сета среќа и надеж околу ново-прогласениот национален парк, кој го чекавме 20 години паднаа во вода. Кое неверојатно разочарување веднаш по извонредниот чекор напред во зачувувањето на природните вредности во нашата земја. Какво непоимливо враќање во рикверц. „Пак сме 1970“ си помислив и се запрашав зошто се носат вакви одлуки?

Зошто една Влада работи неуморно две години за да прогласи еден национален парк, да донесе закон, план за управување, да соработува со експерти и да спроведе безброј консултации со јавноста, за по два месеци да реши оваа убавина ете така, да ја уништи? Кои се тие интереси кои одеднаш се појавуваат, а се посилни од сè за што до тогаш се залагале надлежните институции?

Како и во случајот со Јабланица, каде некоја фикс-идеја се појавува од нигде-никаде без разлика што Владата решила дека ќе ја прогласува планината за национален парк, така и во случајот со Шара, одлуката за тунел е во најмала рака – луда. Но, освен што е луда, таа е и неодржлива и спротивна на примарната цел на паркот.

Согласно националното законодавство, прогласуваме национални паркови за да го зачуваме нивното природно богатство за идните генерации. Парковите се штитат за да ни ги покажат природните процеси и овозможат слободно функционирање на екосистемите во природна форма, без наше големо влијание. Примарната цел на националните паркови е да се зачува таа природа, истовремено учејќи ги граѓаните, и најмладите за придобивките од ваквото заштитено подрачје. Кога нашата Влада се реши да гради две хидроцентрали во националниот парк Маврово, Меѓународната унија за заштита на природата го кажа токму тоа – изградба на инфраструктура не е и не ја поддржува примарната цел на паркот. Паркот не е прогласен за заштитен за таму некој да прави струја, или во случајот со Шара и Јабланица, за масовен туризам и сообраќајни коридори. Меѓу другото, оваа меѓународна организација има точно дефинирани критериуми за тоа што е одржлив туризам и одржлив сообраќај во заштитените подрачја – нешто што се поттикнува со цел да се стимулира локалниот економски развој, едукацијата и заштитата на природата.

Но, кој да чита прирачници за одржлив развој кога имаме фикс-идеи „на кило“? Како и Дизниленд плановите за Галичица и овие идеи се осудени на пропаст.

Едноставно, да развиваме масовен туризам со мега-инфраструктура во идни и постојни заштитени подрачја, во најмала рака е и непотребно. Покрај ски-центрите во соседните држави и неколкуте постоечки кај нас, а неодржувани, некому  му  дошла фикс- идејата за нов. Дури и да постои европски инвеститор, како што најави струшкиот градоначалник Мерко, кој би се нафатил да прави ски центар на Јабланица, дали од Европската унија  би поддржале уништување на заштитени подрачја и прекршување на европските и меѓународните стандарди за зачувување на природата?

Што се однесува до патот и тунелот низ Шар Планина, баш би сакала да знам кој ќе биде јунакот финансиер на овој проект. Замислете кога финансиерот (банката) ќе дознае дека патот треба да мине низ национален парк од категорија II. И потоа замислете ја реакцијата „не благодарам, овде не“. Изградба на вакви големи проекти со огромни штети врз природата чинат неверојатно многу пари, кои  ние и ги немаме.

Природата во нашата земја е прекрасна. Без разлика колку често ги гледам нашите планини и пејзажи, секогаш, без исклучок ме оставаат без здив. Тие убавини просто зрачат и ти ја исполнуваат душата, Е, тоа е она за што странските туристи се дојдени тука, да го доживеат тоа неверојатно чувство. Не да скијаат како на Алпите или да лежат на плажа како на море.

Наместо да развиваме локален, уникатен туризам кој е одржлив и носи економски развој на заедниците кои живеат во заштитените подрачја, притоа ненаштетувајќи на природата (параглајдинг, планинарење, планински велосипедизам па и печење лепче во бачило и јавање коњи), ние сме се запнале за мега инфраструктура. Ем чини многу, ем прави штета, ем не носи локален развој. За ова имаме и посебна препорака од Бернската конвенција при Советот на Европа, кадевелат да ги усогласиме плановите за развој на инфраструктура со оние за заштита на природата, а не обратно.

На Владата имам едно да ѝ кажам. Не може и едно и друго. Не може и национален парк и нов ски-центар или пат со тунел насред паркот. Одлучете се. Или фикс идеи или одржлив развој.

 

Ана Чоловиќ Лешоска

Авторката е извршна директорка на Еко-свест

Back to top button
Close