Силен северен ветер ја зафати Грција – во одредени делови со брзина од над 100 километри на час
Во југозападниот дел на грчкиот остров Евија во изминатите два дена бил регистриран ветер со јачина од 134 и 127 километри на час, што воедно е и најсилниот во цела Грција, со оглед на тоа што земјата од понеделникот ја зафати силен северен ветер, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, силниот ветер во источниот дел на континентална Грција и во Егејското Море надминува 100 километри на час.
Во текот на вчерашниот ден, најсилен бил ветерот во Паксимада, Каристос на Евија, со 127 километри на час, кај Коринтскиот канал бил 105, а на островот Тинос 101 километри на час .
Во населби во северниот дел на Атина, ветерот вчера бил меѓу 82 и 97 километри на час.