Сименс енерџи”: Руската царина ја забавува испораката на турбината за гасоводот „Северен тек 1″

epa05824743 A turbine at the Siemens Gas Turbine Plant in Berlin, Germany, 02 March 2017. EPA/CLEMENS BILAN

Компанијата „Сименс енерџи” соопшти дека е подготвена веднаш да ја испорача поправената турбина за гасоводот „Северен тек 1″, но недостатокот на потребната царинска документација од Русија го кочи процесот, јави ДПА.

„Сименс енерџи” уште на почетокот на минатата недела ги имаше сите потребни документи за извозот од Германија во Русија и за тоа го информираше и „Газпром”, се наведува во денешното соопштение на германската компанија.

„Тоа што недостасува, меѓутоа, се потребните царински документи за увоз во Русија”, додаваат оттаму, пренесува ДПА.

Компанијата соопшти дека оваа информација може да ја обезбеди само клиентот.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „дволична игра” поради прекинот на испораките на руски гас поради наводните проблеми со поправената турбина во Германија.

-Нема технички причини за намалувањето на испораката. Турбината е подготвена за испорака во Русија, изјави Хабек за ДПА.

Тој потврди дека извозните документи на „Сименс енерџи” се комплетирани, но Русија одбива да издаде документи за увоз. Компанијата потврди дека може да го пренесе делот веднаш од Германија во Русија откако ќе ги има документите.

-Русија ги крши договорите и ги обвинува другите, додаде Хабек. „Путин игра дволична игра”.

Турбината се користи за гасоводот во Балтичко Море што е главната рута на природен гас од Русија до Германија. Таа беше подложена на поправки во Канада, а потоа таму остана заробена поради западните санкции против Русија.

По молбите од Берлин, Отава претходно овој месец ја ослободи турбината и потоа таа беше испратена во Германија и подготвена за натамошен транспорт во Русија.

Руската државна компанија „Газпром” и Кремљ соопштија дека проблемот со турбините е причината за намалувањето на протокот на гас во Германија.

Ваквото објаснување, меѓутоа, го отфрлаат највисоките функционери во Берлин и Брисел, кои наведуваат дека Русија ги тенчи резервите на гас во Европа како казна за санкциите поради нејзината инвазија на Украина.

„Газпром” денеска соопшти дека протокот низ гасоводот „Северен тек 1″ дополнително ќе биде намален, овој пат на 20 отсто од максималниот капацитет, а оваа операција ќе почне в среда

Back to top button
Close