Скопје ја роди Мајка Тереза, дали Македонија ја заборави хуманоста
Трифун Костовски
Се гордееме со Мајка Тереза но дали живееме според нејзините дела
Почитувани читатели,
На 26 август 1910 година во Скопје е родена Гонџа Агнес Бојаџиу, во светот позната како Мајка Тереза. Добитничка на Нобеловата награда за мир, таа стана симбол на хуманоста и на безрезервната посветеност кон сиромашните, болните и напуштените, кон луѓето кои општеството и системот на некој начин ги отпишале. Во 2016 година папата Франциск ја прогласи за светица, позната како Света Тереза од Калкута.

Ние со право сме горди што оваа светски позната личност е родена токму во нашето Скопје. Но не е доволно да се гордееме што Мајка Тереза е родена во нашиот град. Вистинската гордост се докажува со тоа како ние се однесуваме кон немоќните..Токму затоа мораме да се запрашаме, дали ние, граѓаните на Македонија, научивме нешто од нејзините дела, од нејзината посветеност и од нејзината човечност кон оние на кои помошта им е најпотребна?
Очигледно е дека имаме кратко паметење. На денот кога требаше да го одбележиме нејзиното раѓање, Скопје и цела Македонија останаа речиси неми. Се прашувам, дали Мајка Тереза ќе ја добиеше Нобеловата награда за мир и дали ќе беше прогласена за светица, доколку останеше да живее во Македонија? Се плашам дека нејзиниот лик и нејзините дела ќе беа заборавени веднаш по нејзиното заминување од овој свет. Би сакал да грешам, да не сум во право кога размислувам дека во нашето секојдневие споменот за добрите дела и за големите луѓе од минатото честопати останува длабоко закопан. Светот ја препозна големината на Мајка Тереза, а ние сè уште не ја научивме нејзината наједноставна лекција дека никој не смее да биде оставен сам.
Ќе споменам еден личен пример. Роден сум во Скопје, а делата на Мајка Тереза ги следев уште од најраната младост. Бев многу горд кога шетав низ центарот на градот, во близина на местото каде што била родена. Чувствував духовен мир поради сознанието дека една таква личност потекнува токму од нашето Скопје. Честопати се прашував дали меѓу нас постојат уште луѓе со толку хуман однос кон оние, на кои навистина им е потребна помош. Убеден сум дека постојат илјадници луѓе со длабоко чувство за човечност и со желба да помогнат. Но, тешкиот живот низ кој поминуваме како да ги затвора во нас најдлабоките чувства на солидарност, сочувство и одговорност кон другиот. Сепак, сиромаштијата не смее да нè направи бесчувствителни, а тешкотиите не смеат да ни станат оправдување за рамнодушноста. Хуманоста не секогаш бара пари. Понекогаш бара време, внимание, топол збор и подадена рака. Заедно со покојниот академик Томе Серафимовски изработивме бронзен споменик веднаш по заминувањето на Мајка Тереза од овој свет. Споменикот беше поставен во центарот на Скопје, а денес се наоѓа во близина на Спомен-куќата на Мајка Тереза. Нашата заедничка идеја беше преку тој споменик да испратиме јасна порака до јавноста, дека хуманоста не смее да згасне во нашето секојдневие. Бевме горди што нашата Гонџа стана светски препознатлив симбол на човечноста. Со академикот Томе Серафимовски подаривме уште две бронзени статуи. Едната денес се наоѓа во Ватикан, во центарот на Католичката црква, а другата во Нирнберг, германскиот град збратимен со Скопје, во центарот на најголемата градска болница. Сакам да споменам уште еден краток, но мошне значаен пример за тоа како светот ја доживува Мајка Тереза, додека ние, нејзините сограѓани, честопати остануваме незаинтересирани за оваа исклучителна личност, која го издигна хуманизмот на највисок пиедестал.
Во 2003 година тогашниот италијански премиер Силвио Берлускони допатува во Скопје. Една од неговите први и најсилни желби беше да се поклони пред споменикот на Мајка Тереза. Овој чин не смееме да го заборавиме. Водечка личност на една голема европска држава дојде да ѝ оддаде почит на Мајка Тереза во нејзиниот роден град. Во исто време, ние, закопани во сивилото на меѓусебната омраза, поделбите и непочитувањето, го забораваме она што треба да биде наша основна животна лекција. Како држава ја изградивме Спомен-куќата на Мајка Тереза. Поставивме споменици и го зачувавме нејзиното име. Но впечатокот дека водечките институции ѝ посветуваат премалку внимание на нејзината порака е повеќе од очигледен. Изградивме спомен-куќа, поставивме споменици пред кои положуваме цвеќе, но најголемиот споменик на Мајка Тереза би бил да изхрадевме похумано општество. Нашата Гонџа ја основа мисионерската заедница „Мисионерки на љубовта“, која и денес дејствува низ светот, ставајќи ја хуманоста на највисоко место. Нејзиното дело не остана само спомен од минатото. Тоа живее преку секој нахранет гладен човек, преку секој згрижен болен и преку секој утешен и напуштен поединец.
Почитувани читатели,
Историјата не е наука што треба само да се чита и да се повторува. Позитивните примери од историјата треба да ги применуваме во нашето секојдневие. Деновиве го празнуваме големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Ајде празникот да не го сведеме само на зборови, обичаи и честитки. Да се потсетиме на оние што живеат покрај нас и да им помогнеме на луѓето на кои помошта навистина им е потребна.
Посебно апелирам до институциите во државата, кои располагаат со податоци за социјално загрозените групи граѓани, да почнат да размислуваат и да дејствуваат во духот на Мајка Тереза. Не е доволно само да знаеме колку луѓе се сиромашни, болни, осамени или заборавени. Потребно е да прашаме: што конкретно можеме да направиме за нив токму денес. Хуманоста не се мери само со зборовите за големите луѓе, туку со раката што им ја подаваме на заборавените.
Во едно сум длабоко убеден. Луѓето кои го посветиле својот живот на хуманоста заминуваат од овој свет благословени, затоа што зад себе оставиле дела со кои го подобриле животот на сиромашните, болните и немоќните. Можеби не можеме да го промениме целиот свет, но можеме да го промениме светот на еден човек. Затоа, да ја вратиме хуманоста, не само како празнична порака, туку како секојдневна обврска. Да ја закопаме омразата, да ја воспеваме добрината. Да ги надминеме поделбите и да создадеме заедница на свесни, одговорни и хумани граѓани, затоа што општество што ги заборава немоќните, на крајот ја губи и сопствената човечност. Сите се раѓаме како човечки суштества, но не секој може и умее да биде хуман.






