Скопје вечерва е најзагаден град во светот, во првата десетка нема други европски градови

Главниот град на земјава, Скопје, вечерва е најзагаден град во светот, покажуваат податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздух „Ај-кју ер“.

Скопје е лидер на листата со индекс на загаденост од 263.

Според платформата, во моментов, воздухот во главниот град е означен во категоријата „многу нездрав“.

Главен загадувач што е наведен се ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 188 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 235,9 микрограми на кубен метар.

Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 37,7 пати поголема од годишната вредност.

Највисока загаденост е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа е во Карпош и во Центар.

Зад Скопје на листата се Улан Батор во Монголија, Карачи во Пакистан, Вухан во Кина, Делхи во Индија.

Во првите 20 градови единствен од Европа освен Скопје е Атина која се наоѓа на 14. место со индекс на загаденост 154.

 

Back to top button
Close