Скопската ЗОО ги објави резултатите од обдукцијата- жирафата Флопи имала малиген тумор

Жирафата Флопи од Скопската зоолошка градина угинала како резултат на малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови, соопшти вечерва ЗОО-Скопје.

„Тој 27 ноември беше за нас трагичен ден, прво со веста за починувањето на нашиот сакан колега Ристе, а неколку часа подоцна за жал нè напушти и жирафата Флопи, и покрај сите напори, грижа и максимална ангажираност на сите вработени во ЗОО Скопје кои деноноќно се грижеа за неа. Врз основа на патохистолошки наод, и микробиолошкиот и молекуларен наод од Факултетот за ветеринарна медицина добивме заклучок во кој се констатира дека Флопи угинал како резултат на Малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови. Оваа подмолна болест е една од најфаталните во 21 век, од која како и луѓето, страдаат и голем број животни. Ракот на црниот дроб се смета за тивок убиец, а кај Флопи агресивен карцином веќе метастазирал и во белите дробови, кој тешко се дијагностицира во рана фаза“, информираат од ЗОО-Скопје.

Оттаму додаваат:

„Сè уште сме тажни поради оваа голема загуба, бидејќи во ЗОО-Скопје вработените и животните, сите заедно, сме едно големо семејство. Флопи ќе го паметиме по неговата грациозност, специфичните шари на телото, неговата голема љубов кон зоонегувателите импосетителите, како и по мирниот карактер. Еден дел од нашите срца засекогаш ќе остане празен после неговото заминување“, се вели во соопштението.

Back to top button
Close