Слаткарницата ,,Пошта”  

Почитувани читатели, ќе се обидам да ви поттикнам носталгични чувства, кај сите вас кои сте ми приближно генерација, а и на помладите да им го доловам убавото скопско минато… Средношколските квечерини и вечерни часови вообичаено ги минувавме околу плоштадот Македонија. Едно од зборните места за собирање беше култниот дуќан на кондураџијата Кенан, поставен на самиот плоштад. До него беше поставена лимунаџилница, каде, особено во летните жешки ноќи, се освежувавме со лимонади од секакви овошни вкусови, базирани на сода вода поради која половина од чашата беше со пена, чиниш шампањ пиеш.

Хотелот и ресторан ,,Македонија”кој беше монтажно изграден, пред влезот имаше дуќан за продавање весници, а веднаш до него беше човекот кој што неуморно продаваше костени во зимските денови. Продавачите на костени имаа можност да се лоцираат на места со најголема циркулација на луѓе. Книжарницата ,,Култура” беше центарот каде вообичаено во студените зимски денови купувавме печени костени. Костени имаа двојна улога, најпрво со жешките костени ќе ги згреевме рацете, ставајќи ги костените во џебовите од капутот, а потоа полуоладени слатко ги јадевме.

Мирисот од препечената кора на костенот остануваше долго на нашите прсти и во џебовите каде ги чувавме. Во сиот тој скромен и шармантен социјален живот на Скопје, главно место имаше и слаткарницата „Пошта„, монтажна градба од времен карактер и локациски се наоѓаше на потегот меѓу денешен Мериот, Комерцијална банка и зградата на бившата Еуростандард банка.

Врвни слаткари, мајстори на оваа култна слаткарница, правеа слатки кои најпрво ги консумиравме со очи, а во моментот кога ќе можевме конкретно да ги вкусиме, ги задоволувавме и сетилата за вкус и мирис, чувствувајќи се сито и пресреќно. Излогот на оваа култна слаткарница беше за мој вкус прекрасен. Тулумби, баклави, шампити, кадаиф, што ли уште не го красеа овој излог. Шампитите од „Пошта„ беа вистинскиот бренд на оваа слаткарница. Немаше ден да не застанеме неколкумина од нас другарите да седнеме и согласно нашите финансиски можности да изедеме по една шампита и баклава. Ако немавме доволно пари, тогаш купувавме само една и ја делевме братски. Во зимските денови, во оваа култна слаткарница, се правеше и салеп. Мирисот на цимет ставен во салепот се ширеше низ целата просторија на слаткарницата, а самиот салеп исто како и печените костени имаше двојна намена, најпрво да ги стоплиме измрзнатите раце, а потоа да го стоплиме и грлото пиејќи го жежок. Салеп не се остава да се олади, тогаш е густ и невкусен.

Во сеќавање ми остана еден настан кога заедно со моите другари Цане Соколовски и Кочо Лукарски седнавме да јадеме шампити и тулумби. Кочо не беше љубител на слатки и тој не порача ниту тулумба, ниту баклава, а уште помалку шампита. Од нашите порции, кои ги нарачавме јас и Цане, му понудивме и на Кочо да проба, но тој категорично одби. Во моментот кога привршувавме со нашите вкусни слатки залаци, кои слатко ги јадевме, кај Кочо се појави желба да проба од тулумбата на Цане и шампитата од мојата порција. Јас и Цане, длабоко посветени во јадење слатки, загледани во нашите чинии не го ни забележавме кога одеднаш Кочо скокна и викна „стој”. Изненадено ги дигнавме главите кога Кочо извика: „ последните залаци од вашите чинии се за мене”. Јас и Цане му ги дадовме нашите чинии, кои Кочо ги „исчисти” веднаш. На прашањето зошто така направи, бидејќи претходно му беше понудено, тој искрено ни одговори: – ,,Кога ве видов со каков апетит ги јадете слатките од вашите чинии, ме фати мерак и јас да пробам, а знаете што е мерак”? Ни дообјасни со зборовите дека „меракот нема цена” Таков беше мојот Кочо, со прекарот Луки.

Сеќавањето на оваа култна слаткарница, каде пиевме салеп во ладните зимски денови и култните продавачи на печени костени, ќе ми останат во вечен спомен… Целото мое детство и средношколски денови, студените зимски денови за мене беа и асоцијација на смрзнати раце и нозе и тоа чувство и ден-денес ме обзема.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close