Сложни пратеници и во среда мрсат

Во август ја заклучија дебатата, во септември ја отклучија. Нецели две седмици пред почетокот на кампањата, пратениците изгласаа измени и дополнување на Изборниот законик.

    

Иако во август властите најавија дека нема да има нови измени на Изборниот законик непосредно пред локалните избори закажани за 17-ти октомври, сепак на итна седница партиите завчера ги изгласаа предложените измени. Еден месец претходно таквиот консензус се чинеше невозможен.

„Претседателот на Собранието ме информира дека законот ќе остане таков каков што е, за да нема замерки дека нешто се прави во ‘пет до 12′, а притоа тоа би било само блокада на законското решение“, изјави премиерот Заев на 15-ти август.

Едем месец подоцна, во средата на 15-ти септември, без никаква блокада, власта и опозицијата со двотретинско мнозинство ги изгласаа измените и дополнувањата, и тоа во „пет до 12“, осносно 12 дена пред почетокот на изборната кампања, која според роковникот на ДИК почнува на 27-ми септември.

Во заборав паднаа и жестоките критики од претставници на опозицијата дека според препораките на ОБСЕ/ОДИХР измени не треба се прават најмалку шест месеци до една година пред избори. Против завчера гласал единствено пратеникот од владејачкиот Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Предлагачите ги објаснуваат измените со потребата од усогласување со препораките на ОБСЕ-ОДИХР, од поголема ефикасност на изборните органи и подобра транспарентност на изборниот процес.

Нееднакви во политичкото рекламирање

Но, иако една од клучните препораки на ОБСЕ/ОДИХР е преиспитување на прописите за платени политички реклами во медиумите, со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите без дискриминација, ни со новите измени не е намалено незадоволството од дисбалансот во начинот за рекламирање, бидејќи најмногу време и натаму добиваат најголемите партии од власта и опозицијата. Според усвоените измени, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма наменети за платено политичко рекламирање. Од тие девет и пол минути, за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор. Исто толку – четири минути добиваат и двете најголеми политички партии во опозицијата. За партиите во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група, радиодифузерите можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договор, а за партиите кои не се застапени во Собранието или кандидати – можат да одвојат триесет секунди кои исто така се распределуваат по претходен писмен договор.

Ваквиот пристап за политичко рекламирање преку поделба на големи и мали, односно парламентарни и вонпарламентарни партии, беше жестоко критикуван и во августовската дебата за измени на изборните правила, бидејќи не обезбедува услови за рамноправен натпревар на партиите.

За притисок „златни 48 часа“?

Но, она што сега отвори и дополнителни прашања е новиот став 12 кој се додава во членот 67 и гласи: „Подносителите на листа или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од ставот (5) на овој член. Кога се работи за повлекување на кандидатска листа истата единствено може да се повлече во целост“.

Во образложението на групата пратеници предлагачи на измените, нема објаснување каква била потребата од додавањето на овој став, освен дека тој „овозможува на сите партии или подносители на независни листи да можат да ги повлечат листите во рок од 48 часа од нивното потврдување во изборните органи, додека досега имаше право да биде заменет само некој од кандидатите“.

Оваа одредба наиде на сомнеж кај „Зелен хуман град“ – здружена иницијатива на 20 организации и активистички групи од Скопје, која на изборите настапува со советничка листа и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Ана Петровска.

„Внесувањето на ваква измена во членот 67 го прави законот контрадикторен сам на себе! Впрочем, за секоја кандидатура е неопходна писмена согласност од кандидатот, која е неотповиклива. Дали оваа измена решава постоечки проблем, или овозможува златни 48 часа што служат за притисок врз политичките партии и независните листи за нивно повлекување, во очи на изборите?“, прашаа од „Зелен хуман град“.

Оттаму реагираат и на уште една усвоена измена која гласи: „Личниот идентитет избирачот го докажува со важечка лична карта или важечка патна исправа, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување“.

„Неодговорноста на институциите поради што голем број на граѓани останаа без нови лични документи не смее да се покрива со вакви правни преседани. Сметаме дека носење на измени на Изборниот законик на веќе започнат изборен процес го урива владеењето на правото и претставува грубо нарушување на правната сигурност. Овие ‘демократски практики’ за жал нè потсетуваат на владеењето на една мината власт“, реагираа од „Зелен хуман град“.

Фер и безбеден процес

Но, властите уверуваат во спротивното.

„Со прифатените амандмани на Изборниот законик кои поминаа со големо мнозинство од сите политички партии во Собранието, се обезбедени дополнителни гаранции за спроведување на локалните избори според највисоки стандарди“, соопштиле премиерот Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ на завчерашната средба со делегацијата на мисијата за следење на локалните избори на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), предводена од шефицата на мисијата Тана де Зулуета. Притоа го посочиле дополнувањето во Законот со кое се зголемува отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес, како и потврдата дека изборите ќе се спроведат под строга контрола и со почитување на утврдените протоколи за организирање безбедна кампања и гласање во услови на актуелната пандемија.

Кога станува збор за државните ресурси, новина е усвоеното дополнување со кое се зголемува отчетноста и контролата врз дел од нив. Според новите одредби, во рок од 10 дена од денот на одлуката за распишување избори (претседателски, парламентарни и локални) јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат. ДКСК на нејзината веб страна го објавува регистарот на службени моторни возила на почените институции, а за оние кои нема да достават податоци треба да покрене прекршочна постапка.

Во однос на здравствените околности, предвидени се одредби за „Изборен процес во време на пандемија/епидемија“. Според нив, лицата кои се во домашен карантин и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, а сакаат да гласаат, за тоа треба да ја известат општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, најдоцна пет дена пред денот определен за гласање. Комисиите по службена должност прибираат податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање по оваа основа, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да им ги достави податоците. ДИК формира посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на тие лица, при што партиите имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор. Во случај на прогласена пандемија/епидемија доколку не се исполнети просторните услови на одредено гласачко место, ДИК може да определи друг соодветен простор кој ги исполнува условите за спроведување на гласањето.

Откако Пендаровски го потпиша указот за Изборниот законик, ДИК вчера усвои и одредени измени во роковникот, кои произлегуваат од штотуку донесените измени на законот.

извор: ДВ

Back to top button
Close