Снопче: Доколку АА е надвор од Владата, тоа ќе значи потреба од нови парламентарни избори!

Пратеникот Халил Снопче од Алијансата на Албанците предводена од Арбен Таравари денеска изјави дека нивни претставници не биле поканети на вчерашниот состанок на коалицијата „Вреди“. Според него, не му се познати одлуките што биле донесени на средбата.

– Немам официјална информација од службите на Собранието, дали тие девет пратеници побарале посебна пратеничка група. Доколку тоа е вистина, тоа имплицира дека Алијансата на Албанците останува со пет пратеници, рече Снопче.

Дополни дека се уште тој е координатор на пратеничката група на „Вреди“ од 14 пратеници, бидејќи се уште не е формирана нова пратеничка група.

– Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници, рече тој.

Снопче посочи дека како партија се отворени за сите опции, дека Алијансата на Албанците може да биде и опозиција, но, нагласи, „ доколку тие се надвор од Владата, тоа ќе значи потреба од нови парламентарни избори“.

– Таа Влада ќе биде нестабилна со само девет албански претставници, рече тој.

Коалицијата Вреди вчера најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект (4news)

Back to top button
Close