Соња Бибановска ги продаде акциите од „Македонијатурист“ за 9,1 милиони евра
Соња Бибановска е акционерката којашто во минатата недела во блок трансакција на Македонската берза вредна 564 милиони денари (9,1 милиони евра) продаде 50.953 акции од „Македонијатурист“ АД Скопје коишто претставуваат 11,27 проценти од основната главнина на друштвото. Акциите се продадоа по цена од 11.070 денари за акција, којашто е значително повисока од просечната цена по која се тргуваа акциите на компанијата во изминатиов период.
Податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност покажуваат дека Бибановска, којшто поседуваше 11,27 проценти од вкупниот број акции во компанијата повеќе не е меѓу акционерите коишто поседуваат над пет проценти од вкупниот број акции. Истовремено, Симеон Павлов, кој поседуваше 5,01 проценти од акциите сега поседува 8,19 проценти од вкупниот број акции.
Инаку, „Блумберг Адрија“ пред три недели пишуваше дека тетовската градежна компанија „Изо стоне“ (Izostone) влезе во сопственичката структура на „Македонијатурист“. Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, тетовската компанија купила 6,62 проценти од вкупниот број акции на „Македонијатурист“.