Со реорганизацијата на Стејт департментот предвидено е укинување на 132 канцеларии и 700 работни места

Државниот секретар на САД Марко Рубио денеска го објави првиот дел од обемниот план за реорганизација на Стејт департментот, кој предвидува укинување на 132 домашни канцеларии, намалување на околу 700 работни места во Вашингтон и затворање на канцеларии посветени на воени злосторства и глобални конфликти, според висок функционер на Стејт департментот и документи до кои дојде Си-Ен-Ен.

Според Стејт департментот, овие промени се неопходни за да се зачува ефикасноста и релевантноста на институцијата. Висок функционер го опиша тековниот организациски дијаграм на департментот како „преобемен“, истакнувајќи дека тој има „штетно влијание врз надворешната политика“. Иако промените нема да доведат до моментални отпуштања, функционерот нагласи дека некои службеници би можеле да ги загубат своите позиции. Како дел од реорганизацијата, се очекува да бидат укинати 700 работни места во седиштето во Вашингтон.

„Денеска е денот. Под водство на претседателот и по моја насока, го укинуваме децениското бирократско оптоварување во Стејт департментот. Овие далекусежни промени ќе им овозможат на нашите талентирани дипломати да ги стават Америка и Американците на прво место“, напиша Рубио на платформата Икс.

Целта на реорганизацијата е департментот да се преструктурира во согласност со приоритетите на администрацијата, при што вкупниот број на канцеларии ќе се намали од 734 на 602. Првичниот фокус на предлогот е на домашните канцеларии, додека амбасадите и конзулатите во странство не се засегнати во оваа фаза. Сепак, гласините за предложените промени предизвикаа загриженост и вознемиреност меѓу вработените во Департментот, пишува Си-Ен-Ен.

Предлогот за реорганизација не навлегува во детали, туку им наложува на заменик-секретарите да изготват планови за имплементација на промените до 1 јули, според меморандумот што денеска заменик-државниот секретар Кристофер Ландау го испрати до вработените.

Планот за реорганизација се развива од почетокот на администрацијата на Доналд Трамп, а се очекува дека ова не се единствените промени, особено кога станува збор за меѓународните дипломатски претставништва.

Back to top button
Close