Собранието не го усвои предлогот за дополнување на Законот за здравствена заштита

 – Пратениците денеска пред утврдување на дневниот ред на 41. седница не ги усвоија предлозите на Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица кои предлагаат по скратена постапка да се донесе Законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со КОВИД-19 во приватните задравствени установи.

Не беше усвоен и предлогот на група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за дополнување на Законот за здравствената заштита.

Дафина Стојановска појасни дека не наишле на разбираење и затоа, како што рече,  одиме со наш предлог на закон во кој меѓу изедначувањето на цените како во јавното, така да бидат и во приватното здравство, бараме рефундација на средства за сите оние кои веќе имаат направено трошоци. Посочи дека има луѓе кои се останати без куќи, со големи кредити, семејства со жртви, имаат голема финансиска загуба. Бараат на позитивна листа на лекови да се стави целата терапија која им се препишува на ваквите пациенти, само додека трае пандемијата и бараат пациенти кои би се нашле на листа на чекање повеќе од 60 дена да можат да ги добијат услугите во приватно здравство, по цени како и во јавното здравство. Предлаат PCR-тестовите да бидат бесплатни, и во јавно и во приватно здравство.

Пратениците не го усвоија барањето на пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ да се дополни дневниот ред со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во скратена постапка на 10 мај 2021 година со цел, како што рече, побрзо да се решат одредени суштински проблеми.

Не беа усвоени и предлозите на Ане Лашкоска и Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ. Лашкоска предложи дополнување на дневниот ред со Предлог-законот за изменување и дполнување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, во скратена постапка, поднесен од група пратеници на 5 мај 2021 година. Како причини таа ги наведе недоследноста во примената и извршувањето на постоечкиот закон и потребите на граѓаните. Ласовска, пак, предложи дополнување на дневен ред со Предог-законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование, поднесен на 7 мај 2021 година. Целта на ова законско решение, како што нагласи, е да остане стариот начин на изучување на историјата или изучување на историјата како посебен предмет.

Собранието не го усвои предлогот на пратеникот Антонијо Милошоски, кој предложи Предлогот за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија да биде повлечен од дневен ред. Образложи дека предлогот има две незаконитости.  Предложениот кандидат Лирим Сулејмани, кој по образование е правник, долги години бил на раководна позиција во ЕВН Електродистрибуција во КЕЦ „Васил Главинов“ – Скопје и сметаат дека би бил пристрасен во носењето одлуки поврзани со ЕВН.  И додаде дека во сегашниот состав на РКЕ веќе има еден член правник и нема место за уште еден правник.

На дневен ред на 41. седница има вкупно 68 точки, а ако последни две точки се интерпелациите за работата на министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, поднесени од група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close