Социјалистичка Република Северна Македонија

Можеби е погрешно времето – комбинација од двегодишна пандемиска, енергетска и камуфлирана инфлациска криза, плус сѐ друго што ќе ви падне на памет – да се проговори за тридеценискиот правец во кој се развива македонскиот примитивен капитализам, но токму „перфектните бури“ на комбинацијата од разни долгогодишни лоши трендови се вистинските околности во кои пука кај што е „најтенко“.

Бидејќи, после 30 години од падот на комунизмот и крајот на социјализмот, денеска сме веројатно најблиску до таму од каде што почнавме пред три децении: блиску сме за да ја заокружиме семоќната, омнипрезентна, семајчинска и сетатковска држава во која таа е најголемиот работодавач, најбогатиот „капиталист“, најкрупниот „бизнисмен“, главниот земјопоседник и единственото место каде луѓето исклучиво се обраќаат за да си ги решат проблемите за сѐ и сешто што ги мачи во секојдневието.

Немаш работа – државата да ти ја најде. Паднале цените на производите – државата да ја компензира разликата на производителите. Се покачиле цените на производите – државата да ја компензира разликата на потрошувачите. Имаш ниска плата – државата да ти ја покачи. Имаш висока плата – државата да ги смали давачките за повисока плата. Скапи се становите – државата да купи по еден за сите. Произведуваш глупости – државата да ти гарантира откуп. Не произведуваш ништо – државата да ти помогне да почнеш да произведуваш глупости. Ти угинале кравите или козите – државата да ти купи нови. Удрил град, а ти немаш осигурување – државата да ти надомести и да ти плати осигурување. Лоши ти се прозорците и вратите за изолација – државата да ти купи пурпена. Нема вакцини – државата веднаш да ги набави (нормално, па таа и мора тоа да го направи). Има вакцини и за фрлање – не сакаме да се вакцинираме, државата не може да нѐ принудува на тоа, ни ги гуши човековите права… И така натаму и на тоа слично.

Државата, државата, државата… Сите дома чуваат по една врамена слика на премиерот (бившиот, сегашниот, идниот) со запалено кандилце под неа, бидејќи тој е Таткото на семејството, бабицата за пораѓање, нашата бејбиситерка, воспитач/ка, „рамо за плачење“, советник за разводи и бракови, бизнис-консултант, доктор за сите болести, а и дрва би требало да ни нацепи, бидејќи е поголем од Господ. Груевски беше „строгиот, ама праведен Татко“, Заев одговараше на по 500 пораки дневно и за градежната општинска инспекција што треба да руши некоја тераса-дивоградба, а некни и Здружението на средношколци најави дека ќе бара средба со Ковачевски за директно со него да си ги реши тинејџерските образовни барања. На владината влезна врата треба да се сменат шарките и кваките, да се стават оние како во хотелските мензи, на туркање со нога и лакот, бидејќи нема механизам што може да издржи толку интензивно дневно отвори-затвори од колоната преговарачи, клиенти и владомолители.

Нашата држава е секогаш тука на услуга, а политичарите се 24/7 „слуги на граѓаните“! „Државата“, всушност, е власта – кој и да е на власт – а власта, во принцип, сака да остане на власт, расположена е на сите да им излезе во пресрет, да им учини, да ги субвенционира, да ги дотира, да ги компензира, да ги корумпира, да ги клиентизира, да направи сѐ што треба за да им ги добие гласовите на идните избори. По цена на урамниловки, на негување просек и потпросек, одржување општо преживување на сметка на способните и успешните, оти тие се помалку од гласачката машинерија на просечните која ја држи власта на власт.

И не дека државата не треба да биде солидарна или социјално одговорна, да помогне секому каде што може, но ако на ТОА ѝ се сведе најголемиот дел од буџетот, тогаш простор за друга, суштинска развојна политика, нема.

Kолумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close