Сом капиталец тежок 47,5 килограми уловен во Калиманско езеро
Улов тежок 47,5 килограми е последниот подвиг на спортските риболовци од Пијанец кои максимално ги користат благодетите на езерото Калиманци во рамки на риболовната сезона која е во тек. Уловот е дело на делчевецот Горанчо Ќурчиски, кој истакна дека ова не му е првпат да „фати” олку голем „капиталец”.
-Калиманскиот сом е тежок 47,5 килограми и е еден од поголемите фатен во водите на езерото. Чести гости сме на Калиманци, езеро кое освен со сом, изобилува со крап, клен, црвеноперка, карас и други видови животински свет, истакна Ќурчиски.
Освен на Калиманци, додава дека предизвик му се и други езера, како во Македонија, така и во соседните земји.
-Годинава поради коронавирусот немавме многу одење во странство, но Дојранското езеро е тука, некои помали акумулации во близина, така што како што велат старите за добар спортски риболовец, не му е проблем било каде да си ја проба среќата, додава Ќурчиски.
Како голем љубител на спортскиот риболов Ќурчиски е пасиониран вљубеник во рибарските чамци и опрема за која има посебна фејсбук страна на која може да се види и набави дел од неговата колекција.