Сомнеж за труење со храна: Тројца пилоти се разболеле за време на лет, „Бритиш ервејс“ отвори истрага

Тројца пилоти на авиокомпанијата „Бритиш ервејс“ се разболеле за време на лет од индискиот град Хајдерабад кон Лондон по сомневање за труење со храна, по што компанијата започнала истрага.

Инцидентот се случил на летот БА276, кој сообраќал од Хајдерабад до лондонскиот аеродром „Хитроу“. Еден од пилотите сериозно се разболел додека авионот бил на височина од околу 30.000 стапки, односно приближно 9.000 метри, и не бил во можност да продолжи со своите обврски.

По слетувањето во Лондон, на пилотот му била укажана итна медицинска помош и му бил даден кислород.

Според странските медиуми, тројцата пилоти претходно заедно појадувале во хотелски ресторан во Хајдерабад, за време на престојот на екипажот. Тие наводно пиеле флаширана вода обезбедена од надворешна компанија, а се проверува дали токму тоа можело да биде поврзано со нивните здравствени проблеми.

Првиот пилот имал најсериозни симптоми, додека другите двајца успеале безбедно да го завршат летот, иако нивната состојба наводно се влошувала додека летот траел.

Од „Бритиш ервејс“ го потврдиле инцидентот и соопштиле дека ги проверуваат условите за сместување на екипажот во Хајдерабад.

„Благосостојбата на нашите колеги е наш главен приоритет и ги преиспитуваме условите за сместување на екипажот на оваа локација по неколку одделни пријави за заболување“, соопшти компанијата.

Сите тројца пилоти поднеле извештаи за безбедноста на летот и доставиле медицински примероци за да се утврди причината за нивната состојба.

Вакви случаи се сметаат за исклучително ретки во воздухопловството, бидејќи авиокомпаниите имаат строги правила за да спречат сите членови на пилотската кабина истовремено да станат неспособни за работа. Поради тоа, пилотите често не јадат ист оброк за време на патувањата.

Труењето со храна одамна се смета за потенцијален ризик за безбедноста на воздушниот сообраќај, поради што компаниите имаат посебни процедури поврзани со исхраната на екипажот, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close