„Сомнително лице“ на Водно: Кој ја шпионира претседателката?

Аферата со наводно шпионирање во претседателскиот кабинет и натаму ја бранува јавноста иако интензитетот се пресели од јавната сфера во политичките и безбедносните кулоари. Обвинителството, и покрај прозивките, продолжува да го истражува случајот.

„Обвинителството не се впушта во коментирање на изјави на политички актери, носители на јавни функции или други институции“, изјавија за ДВ од Обвинителството за гонење на организиран криминал по реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски дека шефот на тоа обвинителство Ислам Абази едвај чекал „да истрча и да создаде паника во јавноста”.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од една страна негира, а од друга потврдува дека има таков случај. Таа во петокот (22.05) во ТВ-интервју рече дека не постои шпионска афера и дека во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци.

„Сите документи од доверлив или строго доверлив карактер ги добивам само јас и тоа во хартиена форма, ги читам, пакувам и ги давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат – државна тајна. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата“, рече таа.

Претседателката притоа цинично искоментира дека во такви услови „шпионажата може да биде од балкански тип ‘сомнително лице’ од Нушиќ“, и рече дека „нема тука можност ни за Агата Кристи ни за Џорџ Сименон“.

Но Сиљановска-Давкова истовремено и додаде: „Во моментот кога јас дознав дека има укажување за еден од вработените за упад во компјутерот, се јавив во МВР“.

Притоа, таа го искритикува Обвинителството зошто го изнело случајот во јавност. „Сите дејствија во предистражната постапка се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи?“, рече Претседателката.

Безбедносни авторитети со кои разговараше ДВ предупредија дека Северна Македонија како членка на НАТО, покрај привилегиите, има и огромна одговорност кога е во прашање сопствената и безбедноста на земјите членки на НАТО.

„Тоа подразбира почитување на високите стандарди на Алијансата, особено кога станува збор за проверките на лица кои имаат допир со класифицирани документи и доверливи информации“, вели професорот од Факултетот за безбедност д-р Марјан Николовски, кој е член и на Советот за граѓански надзор над законитоста на спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Од мува – слон?

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал за ДВ изјавија дека ги проверуваат сите релевантни околности поврзани со случајот. „Постапуваме врз основа на закон и докази и ги преземаме сите дејствија во рамките на своите законски надлежности, со цел проверка на сите релевантни околности”, порачаа од Обвинителството.

Поранешни функционери од врвот на безбедносните служби велат дека во случајов е важно која странска служба е вмешана, односно кој го врбувал вработениот во претседателскиот кабинет, дали е тоа служба од пријателска земја или не. „Северна Македонија не располага со воени и безбедносни капацитети кои би биле од интерес за странски служби. Оттука сметам дека целата приказна е предимензионирана и од мува се прави слон“, изјави за ДВ поранешен шеф на една од безбедносните институции задолжени за разузнавање и контраразузнавање кој сака да остане анонимен.

Соговорниците, од друга страна, посочуваат дека се работи за угледот на државата и интегритетот на водечките политички личности, и затоа случајот не треба да остане без институционален епилог.

„Доколку се одолговлекува и останува сомнеж во искреноста на расчистување на ваквата афера многу сериозно ќе биде разнишана довербата во институциите и државата во очите на нашите партнери“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој нагласи дека е потребно итно и без одлагање да се расчисти шпионската афера во кабинетот на претседателката, како што подвлече, заради зачувување на кредибилитетот на институциите и на државата.

Воедно е важно, додаде Спасовски, да се испрати порака до граѓаните дека има институции кои се гарант за безбедноста. „Сето ова ја руши гордоста, наместо таа да биде наш императив“, изјави поранешниот министер.

И кај Пендаровски имаше шпиони

Веста дека во претседателскиот кабинет има „индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес” – како што беше соопштено од Обвинителството, ги врати сеќавањата дека и во претходниот претседателски кабинет, за време на претседателот Стево Пендаровски, избувна афера дека некој и таму недозволено снимал состанок за план за враќање на Никола Груевски од Будимпешта. Тоа остана само на ниво на шпекулирање низ политичките кулоари, но доволно силно за по заминувањето на Пендаровски новата владејачка групација од албанскиот кампус да се обиде да ја оживее оваа афера.

Пендаровски, пак, како екс-претседател делумно потврди дека имало таков упад, но отфрли дека муабетот бил за враќање на Груевски. „Се случи со директно учество на еден припадник на кабинетот, кој беше по програмата за Рамковен договор вработен во Парламентот, кој беше припадник на огнената група на Изет. Ние го пријавивме случајот, дојдоа од МВР, најавија поднесување на пријави, а човекот си замина од кабинет, директор е на јавно претпријатие на локално ниво и нема никаква постапка“, објасни тој.

Затоа кадрите кои се вработени во непосредно опкружување на највисоките функционери – премиерот и претседателот, треба да подлежат на дополнителни проверки, вели професорот Николовски.

„Проверките мора да бидат сеопфатни, прецизни и целосно усогласени со стандардите што се пропишани и се применуваат во земјите членки на НАТО. Ние имаме обврска да ја штитиме не само нашата безбедност, туку и безбедноста на останатите земји членки на НАТО-алијансата“, изјави тој за ДВ.

Во спротивно, како што додава Николовски, ризикуваме да го загрозиме сопствениот безбедносен систем и да ја нарушиме довербата кај земјите членки на НАТО, кои би можеле да имаат порезервиран однос во делот на споделување доверливи информации и разузнавачки податоци.

Партизацијата рак-рана

Сериозноста на случајот произлегува и од фактот што Обвинителството јавно соопшти дека побарало пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем, како и екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери во кабинетот на претседателката. Побарани се и копии од видео записи од безбедносните камери за периодот во кој е пријавен случајот. До Обвинителството се доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот вработен во кабинетот.

Дел од соговорниците ја посочуваат и партизацијата како рак рана во безбедносните служби. „Безбедносните анализи и проверки, како и професионалноста, треба да бидат критериум за кадрите, а во никој случај партиски структури кои можат да имат други агенди“, вели екс министерот за внатрешни работи Спасовски.

„Очекувам јавното обвинителство да води квалитетна, но и брза истрага, а секако сите органи за спроведување на законот, пред сѐ МВР и безбедносните агенции, имаат обврска да соработуваат и да ги обезбедат сите неопходни докази кои ќе потврдат или отфрлат каков било сомнеж за нарушување на безбедноста на највисоките државни органи“, додава Спасовски.

Извор: dw.com

Back to top button
Close