Сорос: Извидниците аплицираа и добија грант но за заштита на животната средина

Фондацијата Сорос ги демантира написите дека скандалозниот извиднички настан „Секс, скаутс и рок енд рол“ добил грант во вредност од 12.229 долари, а како што велат оттаму, точно е дека грантот бил доделен на Првиот скопски извиднички одред, но за проектот „Петтиот елемент“ кој се однесувал на заштитата на животната средина.

„Изнесените информации се комплетна невистина и претставуваат дезинформирање на јавноста. Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество-Македонија во рамките на концептот Зелен скок-партнерства за климатска акција, на јавен повик за поддршка на активности на граѓански организации и неформални групи, меѓу другите, донесе одлука и за поддршка на проектот Петтиот елемент поднесен од Прв скопски извиднички одред (ПСИО) со грант бр. 10664 во денарска противвредност на 12.229 долари. Согласно проектната документација, главната цел на проектот ’Петтиот елемент‘ е создавање на позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа. Посебните цели на проектот вклучуваат создавање позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа и подигнување на јавната свест  за заштитата на животната средина, како и креирање одржливи програми преку врсничка едукација“, се вели во реакцијата на фондацијата Сорос.

Оттаму објаснуваат дека проектот е наменет за млади од 17 до 25 години и дека е предвидено да трае до 31 октомври годинава.

„Согласно планот за реализација, досега е адаптирана и креирана одржлива програма за промоција и едукација на тема животна средина со симболичка рамка. Дополнително, на летен камп кој се одржал во јули на Охридското крајбрежје се обучени 20 врснички едукатори за имплементирање на програма за чиста и здрава животна средина. Во тек се подготовките за реализација на останатите сесии за врсничка едукација, како и видео кампања на темата заштита на животна средина“, се вели во соопштението.

Министерството за внатрешни работи пред два дена добило пријава од родител во врска со извидничкиот камп во близина на Скопје, на кој според, тврдењата на родителот, малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.

Од МВР потврдуваат дека извршиле разговор со родителот и оти за случајот е известен Јавен обвинител.

МВР, како што, нагласија оттаму постапуваат по насоки дадени од Oбвинителството за расчистување на случајот.

Лицата кои се инволвирани активностите на извидничкиот камп, по насока на Oбвинителството се повикани на разговор во полиција, потврдија за МИА извори од истрагата.

Од Јавното обвинителство во одговор на прашање на МИА, велат: „Дежурен јавен обвинител е известен за настанот за кој покажувате интерес и издаде насоки до Министерството за внатрешни работи за дејствија кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба“.

Случајот го обелодени „Слободен печат“, во чија редакција се обратил родител, а според неговите тврдења на кампот во близина во Скопје имало непримерни активности во кои малолетници меѓу другото ги боеле своите полови органи и оставале отпечатоци од нив на хамер и симулирале секс позиции до манастир под превезот на сексуална едукација.

Тој сведочел дека неговата малолетна ќерка на кампот, кој се одржал изминатиот викенд доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран во близина на Скоје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“.

Девојчето се обратило до училишниот психилог со писмена изјава, а родителот во аудио разговор со „Слободен печат“ ја озбразложува и вели дека активностите на кампот биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашања колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, боење на полови органи, пеење песни во долна облека.

За случајот реагираше Хера, Асоцијацијата за здравствена едукација, која апелира за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан „Секс скаутс енд рокенрол“.

Back to top button
Close