Соседите тагуваат со нас

Денко Малески

Станувам порано за да одговорам на поканата и да  се вклучам во утринската емисија на „Евроњуз- Бугарија“. Повод: трагедијата во Кочани.

Во Бугарија денес е ден на жалост за загинатите во нашата земја. Водителката ми вели дека ова е прв пат државата да  прогласи ден на жалост за трагичен настан во друга земја. Знамињата се на половина копје а редици бугарски граѓани чекаат да дадат крв за повредените од дискотека префрлени во нивните болници, ми вели. Зошто, прашува повеќе реторички, при толку убави взаемни чувства меѓу луѓето, нашите меѓудржавни односи не се добри.

Се ли е до политичарите? Се снајдов некако со одговор, но мислата остана со мене цел ден. Мислата  дека денес соседите тагуваат со нас.

Зашто, ден на жалост прогласија и Србија и Босна и Херцеговина. Македонскиот народ е сакан и почитуван од своите соседи, помилив. Тоа треба да се негува зашто е ретко во меѓународните односи, во кои интересите го определуваат поведението на државите.

Ретко е соседи да имаат такви убави чувства, како нашите кон нас. Имено, Македонија, како и сите мали држави, нема вистински геополитички статус: не влијае врз надворешната политика или економијата на други држави но трпи влијание од нив.

А сепак, иако  мала држава која нема моќ да влијае, Македонија  има моќ да обединува. Не само во тага, како сега, туку утре и во радост. Тие добрососедски односи треба да се негуваат преку дипломатијата. Но, и со убави чувства кон сите , особено кон сите оние кои ни пружија рака на солидарност во овие тешки мигови за нашата нација и држава.

Back to top button
Close