Соучесник во стечајот на Еуростандард банка
Почитувани читатели, Народна банка немаше да го изврши стечајот на Еуростандард банка, кој се случи веднаш по завршување на вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19, ако немаше логистичка поддршка од тогашната Техничка Влада, предводена од техничкиот премиер, Оливер Спасовски.

Доколку важеше уредбата со сила на закон, објавена во Службен весник од 24 февруар 2020 година, стечајот на Еуростандард банка немаше да се случи минимум до крајот на месец октомври истата година.
Техничката Влада носи нова уредба со сила на закон, со која се суспендира предходната уредба и се дозволува стечај на правните субјекти веднаш по завршување на вонредната состојба.
Сивата еминенција која владееше и сѐ уште владее во Македонија инсистираше Еуростандард банка да се носи во стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Жално е што институциите на системот кои треба да функционираат во интерес на сите правни и физички лица во земјата, ставени се во функција на организираниот криминал.
Уредбите донесени од Техничката Влада се директен доказ дека Еуростандард банка морала да се носи во стечај и тоа час поскоро.
Жално е што тогашниот технички премиер, токму на денот кога е обзнаен стечајот на Еуростандард банка, имаше средба со еден од акционерите на Еуростандард банка каде беше ветено дека ќе ни се даде можност на нас акционерите да ги исполниме бараните услови од страна на Народна банка. Ни требаа само неколку дена, но за жал не ни беа овозможени.
Почитувани читатели, во сите мои колумни ги повикувам сите одговорни споменати лица да се изјаснат или да дадат толкувања зошто се носат две уредби со сила на закон кои се контрадикторни. Мојата лична анализа укажува на фактот дека првата уредба со сила на закон објавена на 24 февруари 2020 година била донесена согласно светските стандарди за заштита на стопанските субјекти поради вонредната состојба во која се одземаат одредени ингиренции во работењето на правните лица. Имено, на Еуростандард банка и се одзема правото на присилна наплата што е еден од најклучните и силни инструменти во работењето на банкарскиот сектор.
Очигледно е дека одлуката да се носи Еуростандард банка во стечај била донесена кон крајот на април или почетокот на мај 2020 година, кога се носи и новата уредба на Техничката Влада со која предходната уредба се поништува и се отвора можност за стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Друг заклучок за суспендирање на првобитната уредба со сила на закон нема.
Брзањето да се носи Еуростандард банка во стечај бил приоритет на Народна банка. Тој чин таа го прави во време кога во Република Македонија, веднаш после предвремените парламентарни избори, немавме оформено Собрание на Република Македонија и Влада на Република Македонија. Јас би додал во време кога во Македонија владее безвластие.
Организираниот криминал е невидлив, нема ниту нација, ниту вера, нема ниту боја, ниту мирис, ама има тешки последици по државата и нејзините граѓани.
Бидете убедени, ќе го барам невозможното од сторителите на овој чин, а тоа е да ми се врати банката во целост со сиот нејзин капитал и да се надоместат загубите во целиот систем.
Загубите се огромни и ова злодело не смее да остане неказнето!
Трифун Костовски






