СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ, на потег е Бугарија

На 24 мај, денот кога го славиме делото на светите браќа Кирил и Методиј ја слушнавме убавата вест од устата на Патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ. СПЦ ја призна автокефалноста на  МПЦ-Охридска Архиепископија.  Со оваа одлука се направи огромен чекор напред кон конечното затворање на македонското прашање. Несомнено ова е голема историска, но и политичка одлука, која ќе се втемели во македонската државност. Некој ќе рече чекавме 55 години, друг ќе рече истрајавме 55 години, но најважно е што многу Македонци работеа сиве овие 55 години ова да се случи. Чесно е на сите оние кои се вградија во овој огромен историски успех на чело со г.г Стефан, поглаварот на  МПЦ-ОА,  но и на сите сегашни и поранешни претседатели и премиери, да им ја изразиме благодарноста, што еве дочекавме да посведочиме уште еден огромен чекор во заокружувањето на македонската државност.

Како што и споменав, покрај историска, ова е и голема политичка одлука. Сепак, познато е дека во православието црквата е поврзана со нацијата, па признавањето на црквата е уште една потврда за нашата македонска нација. Останува, патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за автокефална и со тоа да го заврши тоа што токму тој го иницираше неодамна.

Ќе бевме уште посреќни доколку денес на овој светол ден, како што пред неколку месеци и се шпекулираше,  г-динот Петков ни ја соопшти убавата вест дека и Бугарија го тргнала ветото за Македонија и дека во јуни ќе се одржи првата меѓувладина конференција со што и формално ќе ги започнеме преговорите за наше полноправно членство во ЕУ. Иако се уште постои трошка надеж дека Бугарија барем малку ќе научи за дипломатија и меѓународни односи од Србија, сепак малку е веројатно дека  наскоро ова ќе се случи. Велам да научи барем малку од Србија затоа што морам да признаам дека г-динот Вучиќ игра маестрално во регионот, а особено кон Македонија. Ако денес се направи анкета помеѓу Македонците, убеден сум дека над 90% ќе сметаат дека Србија ни е најдобар пријател, а сигурно исто толкав процент ќе сметаат дека  Бугарија ни е најголем непријател. Ова е резултат на мудрата политика на Вучиќ и екстремно лошата политика на г-дин Радев. Политиката на Вучиќ ги става Македонците во сфера на огромно влијание од страна на Србија, и обратно, политиката на Радев целосно ги замрзнува бугарско-македонските односи.

Не можам да поверувам колку лошо игра Бугарија кон Македонија.  Да беа паметни, тие ќе не форсираа, тие ќе не помагаа и тие ќе не водеа на патот кон  ЕУ.  Така ќе ја добиеја наклоноста на Македонците. Вака, Србите наместо нив ја добиваат таа наклонетост. Ако ова им е целта, тогаш успеа, но ако не им е, тогаш крајно време е да го сменат пристапот.

Вреди да се обидеме

Од друга страна ќе биде нечесно доколку тврдиме дека само тие го продуцираат проблемот и дека македонската политика нема влијание во лошите македонско бугарски односи.

На меѓународен план ни остана отворен само проблемот со  Бугарија.  Можно е од решавањето на ова последно прашање да зависи и нашето членство во ЕУ, па затоа вредно е да се обидеме. Поуката која можеме да ја извлечеме од денешниот ден е дека понекогаш е потребно да се донесат тешки одлуки и да се направат болни отстапки за да се постигне државотворен успех. Претпоставувам дека некој ова и ќе го негира, но сепак веројатно е дека Преспанскиот договор е една од главните причини за денешната радост и признавањето на автокефалноста на МПЦ-Охридска Архиепископија. Мислам дека без решение на спорот за името со Грција ова ќе беше прилично тешко, ако не и неизводливо.

Затоа вредно е да се обидеме да го решиме и овој спор, доколку е тоа можно и доколку шансата да станеме полноправна членка на ЕУ е сеуште возможна. Не сум ЕУ скептик, ниту целта ми е да ширам ЕУ скептицизам, но многу легитимно е да се постави прашањето дали е сеуште можно нашето членство во ЕУ или тој прозорец на можности за нас е одамна затворен, односно дали Бугарија е само инструмент зад кој се кријат многу посилни играчи. Да потсетам, никаков проблем немавме со Бугарија кога ни се случи француското вето, за после тоа, за наредниот самит, преку ноќ, да се сетат Бугарите дека ништо не сме спровеле од меѓудржавниот договор и француското вето да се трансформира во бугарско вето. Не постои коинциденција во политиката, особено не во меѓународната. Не е случајно ни тоа што г-дин Макрон токму сега, во овој момент повторно го промовираше концептот за ЕУ вистинска и ЕУ од Али експрес.

Од друга страна личи како Владата на г-дин Петков да е на копче. Ако некој го стисне, ќе падне. Велат сигурно ќе падне ако ни го тргнат или поместат ветото. Ако знаеме дека политиката, колку и да изгледа сложена, во основа е едноставна и се сведува на определбата – што подолго да се остане на власт, тогаш треба да ни биде јасно дека потребен ќе биде сериозен меѓународен притисок, кон сите чинители во бугарската политика, за Бугарија да го тргне или помести ветото. Следејќи ја наелектризираната атмосфера од двете страни на границата, се плашам дека и сериозен притисок нема да помести ништо по ова прашање. Затоа мора да размислуваме како ќе ја поставиме државната стратегија ако стратешката определба членство во ЕУ ја прогласиме за умрена или пак друг во наше име го стори тоа?

Ова е сериозно прашање и бара сериозно политичко размислување и расправа. Мене ми делува дека Македонија во овој поглед може да има слична позиција како Норвешка, која исто така е дел од НАТО, но не е дел од ЕУ. Разликата е во тоа што Норвешка не сака да стане членка на ЕУ, а ние не можеме да станеме членка на ЕУ. И претходно сум пишувал на темава, но сега уште повеќе ми е јасно дека членството во ЕФТА и ЕЕО, можно е да биде највисоката можна утешна награда, односно замена за нашето членство во ЕУ.

Ако сепак во ЕУ победи струјата која верува во проширувањето и ако овој прозорец на можности се уште е отворен за наше полноправно членство во ЕУ, тогаш мораме да се обидеме. И ние и Бугарија. Да потсетам, Бугарија влегла во неколку војни заради Македонија. Сите ги загубила. Време е Бугарија да ја промени тактиката. СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА и со тоа се затвори единственото отворено прашање помеѓу двете исклучително пријателски држави. Сега, Бугарија е на потег.

Никола Тодоров
извор: Дв

Back to top button
Close