Според Државната изборна комисија утрово нема пријавено никакви проблеми со отворањето на избирачките места

Според Државната изборна комисија утрово нема пријавено никакви проблеми со отворањето на избирачките места. Во 7 часот е почнато гласањето на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори, пренесува МИА.

На претседателските избори право на глас имаат 1 814 317 гласачи, додека на парламентарните избори имаат 1 815 350 избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ден пред изборите, вчера први за двојните избори гласаа болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови, додека пријавените од дијаспората гласаа само за претседателските избори.

Гласањето во дијаспората се одвиваше на 31 гласачко место во дипломатско-конзуларните претставништва.

 

ДИК информираше дека вкупната излезеност од гласањето во странство за претседателските избори до 19 часот изнесува 652 гласачи, односно 25,38 отсто. Вчера, од ДИК напоменаа дека во оваа излезеност поради временската зона не се вклучени седум избирачки места каде се уште траело гласањето.

Гласаа болните, затворениците и дијаспората: Излезеноста на претседателските избори во странство е 25,38 отсто

На вкупно 14-те гласачки места во казнено-поправни установи вчера своето гласачко право можеа да го остварат 2 147 гласачи за претседателските избори и 2 140 гласачи за избор на пратеници во Собранието.

„Гласањето таму течеше без проблеми, а до 19 часот, според информациите од избирачките одбори, гласаа 1 298 гласачи или 60,46 отсто од запишаните за претседателските избори, односно 1 397 гласачи или 68,72 отсто за парламентарните избори“,

 

се вели во соопштението од ДИК.

(ВИДЕО) Гласањето во истражниот затвор Шутка се одвива непречено, излезеноста слична како во првиот круг

 

Во текот на вчерашниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица можеле да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно раселени. Овие лица го оствариле своето право и за двата вида на избори.

„Гласачкото место во центарот за раселени лица е затворено. Вкупно 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа имаа можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени за претседателските и парламентарните избори. Од вкупно 534 гласачи од 20 центри, гласале 401 гласач или 75,09 отсто за претседател на државата, односно 400 гласачи од 20 центри или 74,91 отсто гласале за избор на пратеници“информираа од ДИК.

Според информациите од општинските изборни комисии, гласале 8 926 односно 80,45 отсто болни или немоќни лица за претседател на државата, односно 10 036 или 92,04 отсто за пратеници во законодавниот дом.

Back to top button
Close