Србија: Бечковиќ, Кустурица, Иринеј меѓу иницијаторите на петицијата против санкции кон Русија

 

Во Белград денес е претставена петиција против воведувањето санкции кон Русија, која досега ја потпишаа повеќе од 200 јавни личности, меѓу кои се и академиците Матија Бечковиќ, Коста Чавошки и Василије Крестиќ, владиците на СПЦ Иринеј и Давид, режисерот Емир Кустурица, поранешниот амбасадор во Русија Славенко Терзиќ и други, јави дописникот на МИА од Белград.

Во петицијата се бара од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од владата и од „најважните институции на српскиот народ“ да го отфрлат „притисокот и уцената од Западот“ и да не воведуваат санкции кон Русија.

Во петицијата се оценува дека српскиот и рускиот народ имаат „најблиски врски“ и дека „трајното сојузништво“ со Русија денес е единствениот гарант за зачувување на територијалниот интегритет на Србија, односно Косово во нејзиниот состав, како и зачувување на дејтонската уставна позиција на Република Српска.

Потписниците на петицијата изразија надеж дека украинскиот народ ќе ги „отфрли“ западните сојузници кои, како што се наведува, од себични интереси ги туркаат во конфликт со „браќата Словени“.

Тие додадоа дека зад петицијата не стои „никаква политичка организација“ и најавија дека вториот круг потписници ќе го објават на Денот на победата над фашизмот, на 9 мај.

Професорот на Филозофскиот факултет во Белград Милош Ковиќ оцени дека евентуалното воведување санкции кон Русија би било „национално самоубиство“, наведувајќи дека соработката со Русија е „основниот“ услов за опстанок на српскиот народ од 16 век, со мали прекини за време на владеењето на кралот Милан Обреновиќ и Јосип Броз Тито.

-Мора да знаете кои се националните интереси и да не отстапувате од нив. Прашањата за опстанокот на нашите сограѓани на Косово и Метохија, нашите сонародници во Република Српска се прашања кои зависат од Русија. Треба да бидете трезвени и да умеете да сочекате, затоа што времето работи за нас. Со сите критични моменти на кои сме сведоци сега, мултиполарниот свет е веќе воспоставен, оцени Ковиќ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close