Србија: Обвинителството за организиран криминал побара итно да се достават сите документи за помилувањата на Вучиќ

Српското Обвинителство побара од Министерството за правда без одложување и со особена итност да достави податоци за тоа дали пред тоа министерство се покренати постапки за помилување и доколку се, на кои конкретни лица и кои конкретни постапки се однесуваат помилувањата.

ТОК (Обвинителство за организиран криминал) во соопштението наведува дека со цел проверка на јавно достапните информации и соопштенија дадени во јавноста од страна на тогашниот претседател на Република Србија, Александар Вучиќ, за помилување на 49 лица, упатило до Министерството за правда на Република Србија – Сектор за нормативни работи и постапки за помилување, барање за обезбедување потребни известувања со кое се бара без одложување и со особена итност да достават податоци за тоа дали пред Министерството за правда се покренати постапки за помилување (ослободување од кривична санкција или ослободување од кривично гонење – аболиција) без молба, односно по службена должност, во согласност со Законот за помилување и Упатството за постапување на судовите и Заводот за извршување казнени санкции во постапката за помилување.

„Доколку се, на кои конкретни лица и за кои конкретни (кривични) постапки се однесуваат помилувањата, како и дали станува збор за помилување на обвинети во активни постапки пред Јавното обвинителство за организиран криминал и Вишиот суд во Белград, Посебното одделение за организиран криминал“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство за организиран криминал.

Исто така, како што се наведува, побарано е Министерството за правда на Република Србија да ја достави целата расположлива документација, како и севкупната преписка меѓу Министерството за правда и кабинетот на тогашниот претседател на Република Србија која се однесува на подготовката на одлуките за помилување, вклучително и актите на министерот за правда за покренување постапка за помилување по службена должност, како и образложенијата на министерот за правда.

Истовремено е побарано и доставување на целата документација и мислењата со образложение на надлежните судови и јавни обвинителства за оправданоста на помилувањето, се истакнува во соопштението на ТОК.

„Доколку Министерството за правда на Република Србија ја нема горенаведената документација, Јавното обвинителство за организиран криминал побара наведеното министерство да се изјасни од кои причини тоа не е сторено, како и да образложи на кој начин се иницирани и спроведени постапките за помилување. Јавното обвинителство за организиран криминал побара одлуките за помилување, доколку ги поседува, Министерството за правда да му ги достави на ова обвинителство“, се истакнува во соопштението.

Непосредно пред заминувањето од претседателската функција, кон крајот на септември, Вучиќ соопшти дека помилувал 49 лица, но не ги откри сите нивни имиња. Поради тоа се појавија сомнежи дека меѓу помилуваните има и државни функционери против кои се водат кривични постапки.

– Од 49 помилувани, 23 лица се поврзани со сите овие ужасни настани низ кои поминувавме во последните година и пол дена, и покрај мислењето на дел од комисијата, и покрај мислењето на различни служби на Република Србија, безбедносните служби, јас донесов одлука да помилувам 12 лица од Новосадската група, на чело со Мила Пајиќ, како што донесов одлука да помилувам 11 лица кои од друга страна учествуваа во инцидентите против блокадерите. Значи, тоа се тие 23 лица – изјави Вучиќ на 27 септември.

Back to top button
Close