Средба на Сиљановска-Давкова со претседателот на Ерменија, Хачатурјан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван оствари средба со претседателот на Република Ерменија, Вахан Хачатурјан, на којашто обајцата изразија подготвеност за продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката.
Ерменскиот претседател се заблагодари за посетата и учеството на Сиљановска-Давкова на 8. Самит на Европската политичка заедница. Тој истакна дека е голема чест, иако не се земја-членка на Европската Унија, да бидат домаќини на овој настан.
Во денешната прва билатерална средба двајцата претседатели препознаваат почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за гостопримството и организацијата на Самитот, оценувајќи дека Европската политичка заедница постепено се афирмира како значајна платформа за европско единство, дијалог и координација во соочувањето со заедничките предизвици.
Претседателите се согласија дека визните олеснувања и директните авионски врски би придонеле за унапредување на економската соработка и трговската размена во иднина, коишто се на ниско ниво.
Областите во коишто препознаваат можности за отпочнување на соработка се: информатичките технологии и дигиталните услуги, земјоделството, прехранбената и фармацевтската индустрија, туризмот, како и секторите базирани на иновации и знаење.
Тие укажаа на потребата од склучување билатерални договори и поттикнување на директни контакти меѓу бизнис-заедниците, преку организирање бизнис-форуми.
За Сиљановска-Давкова, за зближување на двата народа особено се важни: културната дипломатија, образовната и академската соработка, како и студентската размена преку програмата Еразмус плус, во којашто обете држави учествуваат.
Таа ја истакна улогата на ерменската заедница во земјава, којашто е малубројна, но угледна и почитувана.
Претседателката го поддржа продлабочувањето на соработката на Ерменија со Европската Унија, напорите за усогласување со европските политики и стандарди, како и посветеноста на реформите, особено на владеење на правото.
Хачатурјан посака успех на македонскиот пат кон ЕУ.
Двајцата претседатели упатија меѓусебни покани за официјални државни посети во иднина, објави Скопје1.мк.






