Српските студенти ги повикуваат граѓаните утре на генерален штрајк


Студентите кои повеќе од два месеца протестираат во Србија барајќи кривична и политичка одговорност за несреќата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 луѓе, упатуваат повик до граѓаните утре целосно да ги прекинат сите активности. Тие повикуваат на генерален штрајк и велат дека тој термин се однесува на општа граѓанска непослушност.

На официјалната страница на Инстаграм профилот „Студенти на Технолошко-металуршкиот факултет“ е објавено што се подразбира под генерален штрајк и како во него можат да учествуваат граѓаните и работодавачите.

„Не одете на работа во петок. Разговарајте со вашите колеги за да организирате прекин на работата на работните места. Што ако се плашам од работодавецот? Земете слободен ден. Отворете боледување. Дарувајте крв“,

пишува во повикот.

Студентите, исто така, повикуваат и да не се оди во ресторани, продавници, маркети, трговски центри, теретани, кино-сали и театри.

„Не одиме на работа, не одиме на часови, не ги извршуваме секојдневните работи. Да ја земеме слободата во свои раце! Вашето учество прави разлика“,напишаа студентите на социјалната мрежа Инстаграм.

Во повикот за генерален штрајк студентите потсетуваат и на нивните барања – објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на кривичните пријави против студентите кои се уапсени и приведени на протестите, како и запирање на кривичните постапки, процесирање на лицата одговорни за нападот на студентите и професорите, како и нивно разрешување доколку се утврди дека се на јавни функции, како и зголемување на буџетот за високо образование за 20 отсто.

Филип Балуновиќ од Институтот за филозофија и социјална теорија за телевизијата Н1 вели дека ова нема да биде генерален штрајк во целосна смисла на зборот, туку, како што вели, „ќе биде обид, поточно еден од чекорите, да се создаде нешто што, ако претеруваме, би го нарекле револуционерна ситуација“.

„Ова не е ни блиску до револуционерна ситуација во дефиницијата каде што угнетените веќе не сакаат да го поднесуваат она што им се наметнува, но она што е многу важно за овој тип на состојби е кога оние што владеат не се во состојба да владеат во стариот начин. Мислам дека ова е сега низа чекори што треба да водат, пред сè, до второто – дека владата повеќе не може да владее на стариот начин. И ми се чини дека сето она што се случува во последните месеци, со ова изненадувачко големо, масовно, организирано, синхронизирано студентско движење и се останато, некако не само што го затапе работ на пропагандната машинерија на власта, туку и го направи бесмислен“,додава Балуновиќ.

Како што пренесуваат дел од српските медиуми досега поддршка за генералниот штрајк има од Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија, Републичкиот синдикат на културата, Членовите на Здружението на музички уметници на Србија.

На генералниот штрајк, како што пишува Н1, се приклучуваат и медиумите Нова, Данас, Спорт Клуб, а новинските агенции Бета и Фонет најавуваат дека утре од 11:52 до 12:07 ќе го прекинат емитувањето на информативните сервиси и објавувањето на вести на нивните портали и на социјалните мрежи.

Најава дека ќе имаат прекин во работата има и од бројни издавачки куќи и книжарници, кино-сали, како и од компании од трговскиот, угостителскиот и хотелиерскиот сектор.

По најавите од студентите за генерален штрајк, српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска ја повика „мнозинска Србија во однос на поддршката за некоја политика да биде можеби и потолерантна од вообичаено“ кон оние кои, според него, имаат различни ставови и кои сакаат утре со генерален штрајк да ја запрат земјата.

„Утре е потребен мир. Мојата порака до граѓаните е да бидат мирни и трпеливи. Не ни треба избрзана или предизвикана реакција од никого. Не смееме да паѓаме на сценарио или да бидеме актери на сценарио напишано однадвор за да ја пролееме српската крв од српски раце. Дали некој ќе учествува на митингот или ќе протестира, тоа е негов избор, само барам да ги пуштат луѓето што сакаат да работат“,вели Вучевиќ.

За време на протестите имаше неколку инциденти, а последниот беше на 16 овој месец кога 20-годишна студентка се здоби со тешки повреди откако кон неа влета автомобил за време на протестната блокада во центарот на главниот град на Србија.

Back to top button
Close