Стабилност не значи и флексибилност
Петар Арсовски
Деновиве многу се зборува за тоа какво влијание ќе има изборот на нова, стабилна, влада во Бугарија врз нашиот спор, односно закочените ЕУ перспективи на Македонија. Дотаму, што изгледа дека тоа е неизбежна тема. Мислам дека вистинските евентуални позиции допрва ќе се откриваат во Софија, особено од Радев,

Конзистентнита ставови на Радев
По изборите, Румен Радев и неговиот политички блок освоија победа која ги надминува и најоптимистичките прогнози од предизборните анкети, и со тоа, Бугарија влегува во политичка фаза во која не била со години – релативно стабилна власт, со висок политички легитимитет и капитал, со еден јасен центар на одлучување и потенцијална можност за конзистентна политика. За разлика од претходните влади, кои се рушеа како кули од карти на секој предизвик, сега Бугарија има концентрирана политичка моќ, и шанса конечно да изгради унисона позиција, да говори со еден глас, по повеќе прашања, вклучително и на нашата тема. Тоа на прв поглед може да побуди некаква надеж дека постои простор за евентуален нов компромис, но лично сметам дека шансите за тоа се минимални. Напротив, мислам дека стабилизацијата на состојбата во Софија, парадоксално, ќе донесе дополнителен притисок кон нас.
Прво, мислам дека во македонската јавност постои инстинктивно очекување дека стабилна Бугарија автоматски значи пофлексибилна Бугарија, односно, да бидам попрецизен, „Бугарија каде има со кого да се преговара“. Мислам дека тоа е погрешна претпоставка – напротив, стабилизацијата поверојатно ќе го намали притисокот, и од внатре, и од надвор, кон новоизбраните политички елити. Притоа, „новоизбраните“, не значи „новите“ – Радев не е нов играч во оваа приказна,напротив, неговите позиции кон ова прашање се едни од најконзистентните во изминатите години, и се разбира, едни од најлошите за нас. Тој, според мене, упорно ќе продолжи да ја промовира неговата позната и проверена теза: Бугарија не поставува нови услови, но не отстапува од имплементација на договореното, сметајќи дека тоа е веќе европска позиција. Ова особено за првиот услов – уставните измени. Ова не е реторичка, туку стратегиска позиција, која не верувам дека ќе се смени кога Радев ќе ја смени адресата на кабинетот.
Помек пристап, но никако полесни услови
Мислам дека овој нов развој на настаните дополнително ќе ги изостри позициите на двете земји, кои, ако се исклучат фантазиите на Бугарија за некаков идентитетски интервенционизам, и ако се исклучат параноичните стравови од Македонија за јазикот и нацијата, се сведуваат на две одвоени позиции кои како да немаат пресек во моментов. Бугарија вели прво уставни измени па напредок, а ние велиме прво напредок и гаранции, па после уставни измени. Ова разлика во секвенците во моментов изгледа ненадминлива, зашто двете позиции се исклучуваат една со друга, па не знам за што би се воделе преговори, дури и ако има со кого.
Понатаму, мислам дека она што ќе ја комплицира состојбата понатаму, зголемувајќи го притисокот кон нас, е релативно рафинираниот стил на Радев, кој својата, во основа тврда, позиција, ќе се обиде да ја стави во димпломатска обланда, сега уште повеќе. Тој не е политичар кон ја заострува реториката, напротив, често зборува во правни категории: „европски критериуми“, „права на граѓаните“, и „веќе постигнат компромис“. Тоа значи дека треба да се очекува извесно омекнување на стилот: помалку јавни конфликти, поумерен тон кон Македонија, и упорно инсистирање дека ова не е билатерален спор, туку европска позиција. Но, сметам дека тоа не треба да се меша со вистинска промена на позицијата. Токму Радев, досега напати одбиваше одложено дејство на уставните измени, паралелно отворање на поглавјата без нивно усвојување, а одби и било какво редефинирање на преговарачката рамка. Значи, треба да очекуваме помек пристап, но никако полесни услови.
Можни сценарија
Во таа смисла, можните сценарија мислам дека во основа ќе го префрлат притисокот кон нас. Ова најмногу зашто сметам дека Радев ќе биде поуспешен од другите политичари во Бугарија во дефокус на меѓународниот притисок, преку можност да разгледа некој од механизмите кои ЕУ ги предлага: на пример да прифати заедничка европска гаранција (во некаква форма) дека нема да има други услови, или да поддржи некаков засилен механизам за мониторинг на малцинските права во Македонија (особено оние на Бугарите), или, во краен случај, да се согласи на некаква декларација од ЕУ дека ова е последната пречка. Ова би било компромис во форма а не во суштина, но дури и само декларативната конструктивност на Бугарија, веднаш ќе го префрли притисокот кон Македонија.
Најреалистичноте сценарио е дека (1) Софија под Радев ќе ја стабилизира својата позиција и ќе ја претстави како европска и конечна, (2) ЕУ на тоа ќе одговори со некаква понуда за дополнителни гаранции за оваа позиција да ја направи поприфатлива за нас, и (3) притисокот ќе се префрли кон македонската политичка сцена да го прифати овој пакет. Тоа не е пробив, тоа е стеснување на политичката инка кон нас, со целиот притисок кој доаѓа со тоа.
Значи, треба да очекуваме поорганизирана, појасна, и порафинирана позиција од Софија, во координација со Брисел, но никако пофлексибилна по клучното прашање – уставните измени како предуслов. На некој начин, можеби е добро што стабилизацијата во Бугарија ќе биде катализатор за некаква конечна позиција по ова прашање, но лошата вест е што топката, како и досега, повторно ќе заврши во нашиот двор. И така, ќе завртиме цел круг, и политички, ќе бидеме во идентична позиција како и претходно, а можноста за пробив ќе се сведе на веројатноста за политичка храброст дома, а не надеж за алтруизам однадвор. (Dw)






