Стареењето, телото и погледот

Кон расказите „Невидлива жена“ од Славенка Дракулиќ и „Жената на каменот“ од Иво Андриќ

Читањето на збирката раскази „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ на моменти беше тегобно и не можев веднаш да преминам од еден на друг расказ. Расказите се фокусираат на стареењето и на состојбите кои доаѓаат со него: начинот на кој го перципираме своето остарено тело, свесноста за кршливоста на коските, стравот кога помнењето почнува да се губи. Едноставно кажано, чувствував блага одбивност кон расказите на Дракулиќ. Причината за ова чувство беше сознанието дека – да, освен во случај на апокалиптично сценарио –  сите нè чека такво тешко стареење.

Веројатно долго немаше да помислам на расказите од Дракулиќ да не беше Иво Андриќ.  Додека го читав неговиот расказ „Жената на каменот“, се потсетив на расказот „Невидлива жена“ од Дракулиќ. Она што ги поврзува овие два раскази е темата, односно како една жена го доживува сопственото стареење.

Главниот лик во расказот на Дракулиќ е неименуван. Станува збор за жена во шеесетите години. Целиот расказ „Невидлива жена“ претставува монолог на главниот лик, за на крајот да сфатиме дека жената всушност разговара со својот психолог. Таа зборува за она што ја измачува: сознанието дека старее. Во „Жена на каменот“, пак, главен лик е оперската пејачка Марта, која има педесетина години. Во расказот се опишува еден августовски ден во кој Марта е дојдена на плажа. Додека се сонча, таа се бори со своите мисли и со новопојавените чувства кон своето тело. Промените на телото, лицето и кожата таа ги доживува како некаков пораз. Кај неа се јавува и завист кон младите девојки на плажата на кои им припишува еден вид безгрижност бидејќи смета дека не се преокупирани со сопствените тела.

Теоретичарката Грос инсистира дека телото е поспецифично отколку што мислиме: „Телото е ‘нешто’ мошне особено, зашто никогаш не може докрај да се сведе само на предмет; ниту пак некогаш може да успее да се крене над статусот на предмет. Така, тоа е и предмет и непредмет, (…) објект што е во состојба да се сфати себеси и другите како субјекти, единствен вид објект што не може да се сведе на други објекти“ (Грос 2003: 11-12). Грос зборува за поединечната претстава за телото која ја има секоја индивидуа. За таквата претстава за телото читаме во двата раскази.

 

Тело кое изневерува

Она што е клучно за двата раскази е односот на главниот лик кон сопственото тело. Жената на каменот и невидливата жена се слични бидејќи и двете чувствуваат зазор кон своето тело кое не изгледа како што изгледало. Дали е ова универзално женско искуство? Секако дека стареењето како природен процес го доживуваат и мажите, но кај жените бремето на надворешни општествени притисоци е значително поголемо. Жените се оние од кои се очекува да го одложат своето стареењето и чие стареење „треба“ да биде грациозно (што и да подразбира тоа). Овие насоки упатуваат дека има правилен и неправилен или непожелен начин да се старее, што кај жените обично води кон негативна перцепција за сопственото тело.

Сепак, двете жени во расказите стареењето го доживуваат на различен начин. За жената од „Жената на каменот“ стареењето добива една фаталистичка димензија и претставува извесна дегенерација. Во расказот на Андриќ телото станува „проклето“ бидејќи „се одметнало и ѝ станало непријател“ (Андрић 1981: 216). Главниот лик за телото кое старее смета дека „само од себе однатре се валка“ и продолжува: „А ако, со краен напор, на човекот кој старее му појде од рака да се одржи уреден и чист, тоа е стерилизираната чистота на аптеките, а не чистотата на цветот“ (Андрић 1981: 217). Наспроти тоа, жената во расказот „Невидлива жена“ очајува поради својата положба, но од еден поинаков аспект: „Веќе никој не ме допира, освен рацете на лекарот, на фризерката, на забарот, но тоа не се нежни допири, сите тие само поправаат нешто“ (Дракулиќ 2019: 17).

 

Да се биде (видена) или не

Покрај заедничката тема, друга сличност е што и двата раскази ја третираат состојбата на „бидувањето видена“. Во двата раскази, погледот е клучен за различните механизми со кои двата женски ликови се справуваат со фактот дека нивното лице и тело се менува. Може да се каже дека за овие жени сопствениот поглед кој го забележува и оценува одразот во огледалото, е подеднакво важен колку и она што ни го кажуваат погледите на другите.

Марта од расказот на Андриќ не сака да биде видена. Таа оди чекор понатаму посакувајќи да исчезне: „да се тргне настрана од светот и од ова дневно светло. Но за повлекување е доцна, тоа само би го зголемило срамот и ужасот. Останува само исчезнувањето“ (Андрић 1981: 221) Во контемплирањето, таа е решителна и непоколеблива; таа бара некаков излез и смета дека го наоѓа во (авто)деструкцијата: „Да, не останува ништо друго освен да се исчене, да се согори, да се спали ова тело кое така подло ја изневери (…) Да се согори потполно, апсолутно, до дно, со свемоќен, чист, чесен, неотповиклив оган. Да се согори без остаток, да се изгуби во општиот пожар на световите како оган во оган“ (Андрић 1981: 222) Нејзината логика е следнава: ако повеќе не можам да живеам со/во моето претходно тело, тогаш подобро воопшто да не живеам.

Од друга страна, расказот „Невидлива жена“ почнува со вознемиреноста на жената откако таа нема да се препознае себеси во огледалото: „Всушност, се преплашив од тоа лице. (…) Како во огледалото да ја здогледав својата постара сестра, која е мртва веќе добри десет години. Бевме доста слични. Па, сигурно не можев да ја гледам својата мртва сестра! (…) И тогаш ми светна дека тоа сум јас, онаква каква што ме гледаат другите.“ (Дракулиќ 2019: 9-10) Таа, лично, не е толку засегната од промените кај себе колку што е засегната од тоа како другите (не) ја перципираат. Оттаму доаѓа нејзиното доминантно чувство на невидливост. За неа стареењето добива значење на недостиг и недоволност. Кога таа вели дека чувствува како бледнее всушност кажува дека се чувствува неважна за околината. Оддеднаш, таа е жена што може да се занемари. „Ми се чини дека откривам нова димензија на постоењето. Истовремено постојам и не постојам затоа што сè повеќе…избледнувам.“ (Дракулиќ 2019: 12) Таа копнее да биде видена и забележана, и во извесна смисла протестира против она што околината ѝ го кажува – дека повеќе не е достојна за (ничие) внимание. Оттаму, невидливата жена на Дракулиќ има многу поздрава реакција кон стареењето и кон своето тело отколку жената во расказот на Андриќ. Неименуваната невидлива жена не чувствува потреба да се крие. За разлика од Марта, која сака да исчезне, оваа жена се опира на исчезнувањето.

Сепак, самопотврдата на невидливата жена на Дракулиќ пред сè зависи од потврдата на другите. За мене единствениот проблематичен сегмент од расказот е следниов: „Таа средба со самата себеси, како што ме гледаат другите, ме вознемири и поради една друга причина. Ме потсети на нешто друго што не го гледам веќе долго време. На погледот на мажот. Но не, не на некој определен маж!“ (Дракулиќ 2019: 11) Ликот на жената е, сепак, сместен во еден патријархален контекст во кој погледот на мажот не е само пожелен, туку од него се бара и одобрување. Ова нè води до концептот на машкиот поглед (the male gaze) кој, во есејот „Визуелно задоволство и наративно кино“ (1989), го критикува филмската критичарка и феминистка Лора Молви. Иако есејот на Молви се однесува на филмската уметност, нејзината критика може лесно да се примени во многу контексти. Молви вели дека оној кој е активен и кој чувствува задоволство од чинот на гледањето е мажот (машките ликови во филмот и мажите во публиката кои го гледаат филмот), а жената добива пасивна, „традиционално егзибиционистичка улога“ (Mulvey 1989: 19) односно таа е онаа што може да биде гледана и прикажувана. Опсесијата со постепеното исчезнување на ликот на невидливата жена е делумно предизвикана од тоа што таа ја има интернализирано патријархалната матрица. За неа машкиот поглед има позитивно значење (на одобрување, валоризација и сл.), а во одреден степен истото се забележува и кај ликот на Марта.

Од двата раскази, оној на Андриќ е позаокружен бидејќи во него читаме едно разрешување на комплексната претстава за сопственото тело. По подолга интроспекција, жената во „Жената на каменот“ доживува едно разбистрување и почнува да се движи слободно, необремената од изгледот на телото и лицето. Ова го истакнувам бидејќи слободното движење е предуслов за храброста да заземеме повеќе простор – при што мислам и на буквален физички простор и на простор во фигуративна смисла. Расказот „Невидлива жена“, пак, е значаен бидејќи во него интроспекцијата е всушност мотив да се посети психолог/психотерапевт. Интроспекцијата на овој лик води кон дејствување и добива своја артикулација односно се отвора темата за комплексната релација на женскиот субјект и телото.

Интересно е што и расказот на Андриќ и расказот на Дракулиќ се движат во иста насока и покрај временската дистанца помеѓу нивното настанување или пишување. Ова додатно ни говори за актуелноста на темата. Стареењето и видливите промени на телото и лицето треба да претставуваат потсетник за флуидноста и променливоста на субјектот, дури и кога станува збор за промени кои се чинат надвор од наша контрола и кои го подриваат чувството на стабилност. Желбата да се побегне од погледот, како и копнежот по погледот, за кои читаме во расказите, се едно квазирешение на еден квазипроблем. Општеството толку будно бдее врз телата на жените, што секое одбивање да се учествува во критикувањето на телата што општеството го диригира, е чин на отпор. Едноставно е: жените не се восочни фигури.

Користена литература:

Андрић И. (1981) „Жена на камену“ во Јелена, жена које нема. Београд: Просвета, 203-225.

Грос Е. (2003) Недофатни тела (за телесниот феминизам). Скопје: Македонска книга.

Дракулиќ С. (2019) „Невидлива жена“ во Невидлива жена и други раскази. Скопје: Антолог, 9-18.

Mulvey L. (1989) “Visual Pleasure and Narrative Cinema” во Visual and Other Pleasures. Houndmills, Basingstoke, Hampshire: Palgrave, 14-26.

Back to top button
Close